Уште три дена до крајот на оваа исцрпувачка година

Останаа уште само неколку дена пред да ја испратиме оваа година. На почеток изгледаше дека месеците поминуваа премногу брзо иако бевме прилично ограничени во движење. Оние кои беа најодговорни и внимателни сами одлучуваа оваа година да паузираат од одење некаде на одмор, или патување на некоја дестнација надвор од земјава. Но ги имаше и таквите кои се авантуристи, луѓе кои ништо не можеше да ги спречи да патуваат, па истераа понекој одмор.

Имаше уште една категорија луѓе кои не ги напуштија границиве на државава наша напатена, но не им пречеше да се сончаат на плажите во Охрид, Струга и Преспа. Кластери, журки кај што треба и не треба, собиранки со по пет-шеснаесет души, како да некаде забавата ќе избегаше, како да не можеше да помине празник или свеченост без тоа.

Дел од епитетите за годинава што завршува

2020-та беше година каква што не сме доживеале досега, а ниту генерациите пред нас. Некој ќе ја опише како “тешка“, “исцрпувачка“, “чудна“, “лоша“, “сурова“, “малерозна“, “непредвидлива“, епитетите можат вака до недоглед. Сосема е точно дека таа беше сè ова, беше сè што никој од нас не ни замислуваше дека ќе биде. Но исто така малку контрадикторно, испадна една од поуспешните години за некои од нас. Барем во одредена мера, ако не целосно.

Каква и да беше за три дена конечно завршува, а ќе ја испратиме со желба никогаш да не се повтори. Многумина ќе ја поврзуваат со загуба на драги луѓе, со преживеан вирус, карантин, полициски час, носење маски, тестирање за вирус, загуба или промена на работно итн. Некои пак ќе ја паметат по кјрано позитивни настани како крунисување на врската со брак или раѓање/чекање на принова во семејството.

Каква и да беше, доброто е што календарски завшрува. Предлагам да се обидеме да ги извлечеме најпозитивните случувања и настани од 2020-та, да најдеме зрно светлина и во најмрачниот тунел. Бидејќи светлината еднаш се појавува и на најтемното место.

Годинава на површина го извади и (не)видливото

Кога ќе се спојат стрелките мислам дека нема да има човек чијашто желба нема да биде поврзана со добро здравје за себе и за најблиските. Многу лекции донесе годинава, како што напишав во една претходна статија таа сите нè стави на еден “колективен“ тест. Самата по себе е и лекција, но и тестирање кое ќе продолжи да трае. Резултатите се видливи и пред да заврши тестирањето (не за присуство на вирусот). Но некои исходјжи ќе ги видиме подоцна. Економската криза, финансиската нестабилност, невработеноста, лошите и тешки животни услови ќе продолжат да бидат присутни во нашето секојдневие. Оваа криза со пандемијата само полесно и повидливо ги извади на површина овие недостатоци. И следната година ќе биде полна со предизвици. Бидејќи со доаѓањето на 2021 година проблемите и обврските сами по себе нема да се решат.

Но таа ги извади на површина и ги покажа вистинските лица на многумина и покрај носењето маски. Покрај колективно тестирање имаше и масовно будење, па ако ништо друго се надевам дека секој од нас увидел кои работи му се најважни во животот. Будењето на духот, на заспаните емоции и чувства што стоеле длабоко во нас, неоткриени и ослободени од различни видови стравови.

Менталното здравје ставено пред предизвик наречен „Како да се остане психички стабилен“ во кризни состојби

Психијатрите и психолозите се попотребни повеќе од никогаш. Нивниот опсег на работа е зголемен, а тие на човештвото му се подеднакво потребни колку и општите лекари. „Да се остане ментално здрав“ покрај сите тешкотии е главна задача на оние најпогодените и најоштетените последниве осум-девет месеци. Имун на новонастанатата состојба не беше никој. Можеме само да посакаме да бидеме групно имуни на вируси и зарази.

Ако го читате ова во моментов, ви честитам – вие ја преживеавте оваа година со безброј епитети. Вие сега сте посилни од претходно, се стекнавте со едно големо и непроценливо животно искуство. Дадовте сè од себе, вие сте херои во сосптвениот живот. Уште три дена и почнува новиот циклус од 365 денови од новата година. Во неа посакауваме најмногу здравје, а потоа љубов и среќа. Сè останато е второстепено, приртетите се најважни. Останете во добро здравје, среќни и (в)љубени во/од животот. Чувајте се.

Н.Н

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?