Македонски автори Писатели и поети Проза Расказ

Совршениот крај на Смртта

Непозната жена седеше во нејзината дневна соба и таа ни малку не испаничи. Всушност, Ани чувствуваше само љубопитност.
“Здраво драга. Касниш.” Рече жената ко таа и Ани да имаа закажана средба.
“Да. На работа имаше гужва…за никаде. А и…која по ѓаволите си ти и што бараш кај мене дома?” Прсна Ани. Жената се засмеа додека чаша полна  со црно вино ѝ се појави во раката.
“Седи. Имаме долг муабет јас и ти.” Изговори жената додека пробуваше да се прибере. Ани ја послуша и седна мирно, помалку зачудено на креветот од спротива. “Јас сум твојата карма, драга. Па, еднаш одамна, на првото патување на нашите души во овој свет, ти бев и најдобра другарка.

”Извини, шт-?”Ани не ни го доврши прашањето, жената наеднаш пукна со прстите и сеќавањата почнаа ко филмска лента едно по едно да се премотуваат во нејзината глава. Наеднаш се сети. Се сети на сè.
Годината беше 1354 п.н.е. се возеа на количка. Таа и чудната жена – девојка – Џули. Пораснати беа заедно, сонуваа заедно, живееја, јадеа и пијеа заедно, беа нераздвојни..сè додека…сè додека количката тој ден не се преврте и Џули загина.

“Џули?” шокирано изговори Ани додека трепкајќи се обидуваше да ја расчисти маглата на тоа сеќавање во главата.
“Јас бев твоето прво поврзување, првата нишка на тој конец што ја поврзува една душа со друга. Сродните души не мора да бидат романтични…понекогаш сродните души се и пријатели, знаеш нели?” Ани кимна со главата. “Кога умрев..пардон, кога го изгубив телото, станав твоја карма, еден вид на чувар низ многуте твои животи. И да. И претходно го имаме правено муабетов.
Пук!
I – век од н.е. – Марија Магдалена влегува дома…Здраво драга. Касниш.
Пук!
1883- та  Емили Дикинсон влегува дома…Здраво драга. Касниш.
Пук!
1945 – та – Војник влегува во неговиот шатор… Здраво драг. Касниш.

“И? Зошто си сега тука? Зошто ми се појавуваш?” Ани низ метежот на сеќавања успева да праша. Главата ѝ е зашеметена. Ѝ се повраќа.
“Па гледаш драга. Душата е бесмртна. Нема граници. Не старее и токму поради тоа, во секој нов живот таа еволуира, расте да речеме сè додека со тек на време и самата таа не стане бог, а потоа и учител. За душата да порасне ѝ требаат лекции, исто како на ученик. Тука во игра влегувам јас. Сега ќе ти ја подарам лекцијата на овој живот, а потоа ќе ти го избришам сеќавањето. Мозокот ќе заборави ама затоа, твојата душа ќе се сеќава. Финтата е во тоа што ти ќе мораш да ја исполниш лекцијата свесно. Дадената  задача,  да речеме. Спремна си сега за лекцијата?” Ани веднаш кимна, шокот сега и беше станал перманентен дел од лицето.

Пронајди го она што најмногу ќе те боли и дозволи му да те уништи, само тогаш ќе бидеш среќна.

Изустувајќи го тоа, Кармата повторно пукна со прстите и во истата секунда ја снема. Доказ за нејзината посета беа само искршените парчиња стакло што низ истуреното вино светкаа на подот.
Според сиот тој муабет, Ани требаше да заборави, ама наместо тоа, мрачен израз ѝ прелета на лицето. Се затрча кон балконот и скокна во прегратките на нејзината сигурна смрт без секунда двоумење.
‘Секогаш е задоволство да се умре.’ Помисли таа.  ‘Професионална деформација.’ Се насмевна пред да удри на асфалтот.

“Што сакаш Смрт?” Прашаа илјадници гласови од заслепувачката светлина.
“Карма го помина тестот.” Изговори Смртта од раскрвавеното тело на Ани.
“Убаво. Ќе ја унапредиме веднаш. А смртничката?” прашаа гласовите.
“Без гајле. Ќе се разбуди утре жива и здрава в кревет. Знаете, од оние чудни сонови со чувство на паѓање.” Се насмевна Смртта.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје