Колумни Литература Проза

Неколку секудни меѓу старата и новата година

Верувате во магијата на Нова Година? Верувате ли дека чуда се случуваат точно на полноќ, кога сказалките ќе се поклопат? Некои од нас замислуваат желби, некои се бакнуваат, некои си честитаат. Други само спијаат или гледаат филм. Има и такви за кои не се менува ништо. Зборот Нова Година баш ништо не им значи. Заборавени се од светот, сокриени во некој агол и се молат да не смрзнат до наредното утро. Трети се дават во солзи. Живеат во војна. Бегаат со чамци по морињата. Гладни се. Жедни. А толку тиви и покорени што глас не им се слуша. За нив „Среќна Нова Година“ значи помалку да леат солзи. „Среќна Нова Година“ значи да им завладее мир во татковината. „Среќна Нова Година“ значи да се вратат дома, на единственото место каде што огништето е навистина топло. „Среќна Нова Година“ значи капка вода, корка сува леб.

Што знам, има такви луѓе на кои секудните меѓу 31 декември и први јануари ништо не им значат. Гледаат во огнометот, уморни од работата и само чекаат да се наспијаат наредниот ден. Почнавме ли сите да наликуваме на нив? Има и такви кои не се задоволни од тоа како им стои костумот, како им испаднале ноктите, незадоволни дека вештачките трепки убаво не им се залепиле. Зар е фер да се биде незадоволен за сето тоа додека некое дете плаче од глад? Се моли да не премрзне од студ? Вреди ли?

Уф, имам премногу дилеми во врска со новата година. Да, новата година можеби означува нов почеток кој може да биде поубав и посветол од претходниот. Ама дали ја брише цела болка која ни ја задала старата година? Дали воопшто постои стара и нова година или сите наликуваат една на друга? Дали можеби се сите едно исто? Постои ли времето или не? Или времето е релативно како во теоријата на Ајнштајн? Кога сме среќни времето брзо минува, а кога сме тажни минутата трае век.

Ако постои Нова Година и ако желбите навистина се остваруваат, што би си посакале прво себеси? Јас лично, себеси си поскаувам трпение, да сум јака и силна, ако веќе не сум доволно. Посакувам да се печам на сонцето на една карпа, точно знам која, додека гледам како орлите летаат наоколу. Посакувам да имам доволно време за да можам повеќе работи да направам во еден ден.

Имам една стара желба. Да се качам на кровот од највисоката зграда и да гледам зајдисонце. Посакувам да можам да им дадам глас на безгласните, да им дадам барем малку моќ на немоќните. Сакам да успеам да изнудам насмевки на лицата на луѓето. Едноставно да шетам наоколу и да им се насмевнувам на непознатите. Посакувам да се разбудам во свет во кој конечно детските солзи ќе бидат најголем проблем на политичарите. Посакувам да има безброј ѕвезди на небото, но само една да биде најсјајна. Нека има доволно вода во реките за почвата да даде богат род. Посакувам конечно да сфатиме дека без природата не можеме ништо. Без неа, дури ни Нова Година би ја немале.

Животот е едноставен. Вам ви посакувам да уживате во едноставноста. Не е крај на светот ако трепките не ви ги залепиле убаво. Одлепете ги и засакајте ги оние кои ви ги дала природата. Гледајте го светот со широко отворени очи. Раширете ги хоризонтите. Здогледајте ги невидливите. Никогаш не велете „Да сум не негово место, јас вака би постапил.“. Не, не знаете како ќе постапите затоа што не сте на негово место. Нахренете животно. Гледајте го небото. Дишете. Затворете ги очите и само дишете. Така ќе разберете дека Нова Година може да биде било кој ден.

Лина Димоска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје