Рајнер Марија Рилке, еден од најголемите германски лиричари

Рајнер Марија Рилке (Прага, 4 декември 1875 – 29 декември 1926) бил германски писател, еден од најголемите германски лиричари.

Животопис

Рилке е роден во Прага, каде од 1882 до 1886 година го посетувал основното училиште. Од 1886 до 1891 година бил питомец во ниската воена школа во Ст. Пелтен и во високата воена школа во Мериш-Вајскирхен. Во 1891-1982 година учел во трговската академија во Линц. Истовремено, тој ги започнал подготовките за полагањето на приватната матура во Прага, каде матурирал во 1895 година.

За време на детството, тој бил растргнат помеѓу дистанцираниот, студен татко и наметливата, амбициозна и опсесивна мајка со благородничко потекло. Исто така, силен печат врз него оставило и времето поминато во воената школа. Потоа, во Прага, половина година неуспешно студирал философија, а половина година право. Во 1896 година се преселил во Минхен (каде живеел со неговата љубовница, писателката Лу Андреас-Саломе), но веќе следната година се преселил во Берлин.

Од крајот на април до средината на јуни 1899 година патувал низ Русија, а од мај до јули 1900 година заминал на своето второ патување низ Русија. Истата година го посетил Хајнрих Фогелер во Ворпсведе, каде ја запознал скулпторката Клара Вестхоф со која се оженил во март 1901 година. Тие продолжиле да живеат во Ворпсведе, каде на 12 декември 1901 година им се родила ќерката Рут.

Преселба во Париз и враќање во Русија

 Во јули 1902 година се преселил во Париз, каде напишал студија за Огист Роден. Во септември 1903 година се преселил во Рим. Во периодот јуни-декември 1904 година, на покана на Ален Кеј, престојувал во Шведска, а во Париз се вратил во септември 1905 година, каде му бил личен секретар на Роден и му помагал во кореспонденцијата.

По враќањето од Русија, Рилке запишал дека патувањето му ги дало имињата за „плашливата побожност“ на сопствената егзистенција по кои трагал уште за време на детството. Таму, Рилке го проучувал фрескосликарството, а во монашката повлеченост го барал патот до Бога. Во Париз, Рилке бил воодушевен од ателјето на Роден во коешто, според неговите зборови, стотина животи ги сочинуваат еден живот и силата на една волја.
Во монографијата посветена на Роден, тој напишал дека вајарот се изолирал од надворешниот свет, што е суштинска одлика на поетиката на „Jugendstil“-от и на неговите уметнички цели.

Една вечер, во градината на Роден, Рилке ја открил статуата на Буда и тоа претставувало еден од најсилните настани во неговиот живот којшто го поттикнал да напише три песни. Еден месец по враќањето од Париз, тој напишал: „Секоја уметност е плод на некој што бил загрозен, во опасност или со искуството поминал до самиот крај на патот од каде никој не може да замине подалеку.“

Животот во Париз извршило големо влијание врз Рилке

Воопшто, животот во Париз извршил големо влијание врз Рилке, кој самиот го опишал своето доаѓање во Париз во делото „Записките на Малте Лауридс Бриге“, каде го опишува Париз како „голем град, полн со искушенија“ при што „…морам да признам дека во одредена смисла им подлегнав“ и „тие по малку ме изменија, не толку мојот карактер колку, сепак, мојот поглед на светот, секако мојот живот. Потполно ново сфаќање на сите нешта се породи во мене покрај тие влијанија, настанаа одредени разлики, кои сега ме делат од луѓето повеќе отколку кога и да било… Нов живот, полн со нови значења. Во моментов, тоа ми е тешко, зашто сè е премногу ново.“

На 14 март 1906 година, во Прага, умрел татко му на Рилке. Зимата 1906 и пролетта 1907 година, заминал во Капри, на гости кај госпоѓицата Алис Фендрих. Во мај 1907 година се вратил во Париз. Сепак, пролетта 1908 година, повторно заминал во Капри. Од јануари до март 1910 година престојувал во Лајпциг, во домот на издавачот Кипренберг. Во април истата година отпатувал во Девино, Италија. А во август заминал во Лаутшин, како гостин на кнегињата Марија Турн.

Патувања во Африка, Египет, Италија, Шпанија и други места

Есента 1910 година отпатувал во Африка, а почетокот на 1911 година го поминал патувајќи низ Египет, каде го посетил и Карнак. Во април 1911 година се вратил во Париз, а во октомври повторно заминал во Девино. Од мај до септември 1912 година престојувал во Венеција, во почетокот на ноември заминал во Ронда, Шпанија, а во Париз се вратил кон крајот на февруари 1913 година.

Во август 1914 година престојувал во Минхен. Во 1915 година се одржала лицитација на неговите работи во Париз. Во ноември 1914 година бил регрутиран во армијата, а во средината на декември бил упатен во Виена, каде работел во воениот архив. Во јуни 1916 година бил отпуштен од армијата по што се вратил во Минхен. Од јули до октомври 1917 година престојувал во Бекел крај Бирен, како гостин на госпоѓата Херта Кениг.

Во јуни 1919 година отпатувал во Швајцарија. Во јуни-јули 1920 година заминал во Венеција. Кон крајот на октомври, неколку дена престојувал во Париз, а во ноември престојувал во дворецот Ирхел, како гостин на семејството Циглер. На 30 јуни 1921 година, во Швајцарија, го открил дворецот Шато де Мизо, кого најпрвин го изнајмил, а потоа и го купил, т.е. му го поклонил Вернер Рајнхарт.

На 18 мај 1922 година, неговата ќерка Рут се омажила за Карл Зибер. На 2 ноември 1923 година му се родила внуката Кристина. Кон крајот на декември, истата година, Рилке бил примен во санаториумот Вал-Мон, а во 1924 година, неговата сопруга го посетила во Сиер.

Во ноември 1924 година, повторно бил примен во Вал-Мон. Во јануари-авгист 1925 престојувал во Париз. Додека во октомври се вратил во Мизо, но, во декември повторно заминал во Вал-Мон. Во јули и август 1926 година престојувал во Рагац. Месеците октомври и ноември ги поминал во Сиер, но на 30 ноември повторно бил примен во Вал-Мон, каде умрел на 29 декември 1926 година.

Творештвото на Рилке

Најпознати дела на Рилке се: „Записките на Малте Лауридс Бриге“, „Нови песни“, „Песна за љубовта и за смртта на корнетот Кристофер Рилке“, „Девински елегии“ и „Сонети за Орфеј“.

Творештвото на Рилке опфаќа поезија, проза и драми:

Живот и песни (1894)

Патокази (1896)

Жртвите на Ларим (1896)

Сега и во часот на смртта наша (1896)

Ран мраз (1897)

Круна на сонот (1897)

Адвент (1898)

Без сегашност (1898, драма)

Со животот (1898, новели)

Мајчичка (1898, драма)

Маски (1898)

Две прашки работи (1899)

Во слава на мене (1899)

За драгиот бог и друго (1900)

Последен (1902)

Сликовници (1902)

Секојдневен живот (1902, драма)

По повод посетата на уметничкиот павилјон во Бремен (1902, свечена игра)

Ворпсведе (1903, монографија)

Огист Роден (1903, студија)

Раскази за драгиот бог (1904)

Песна за љубовта и смртта на корнетот Ото Рилке, прва верзија (1904)

Книга за часовите (1905)

Сликовница, второ издание (1906)

Песна за љубовта и смртта на корнетот Ото Рилке, дефинитивна верзија (1906)

Нови песни I (1907)

Втор дел на Новите песни (1908)

Сонетите на Елизабета Барет-Браунинг (1908, превод)

Рани песни (1909)

Реквием (1909)

Записките на Малте Лауридс Бриге (1910)

Морис де Герен: Кентаур (1911, превод)

Љубовта на Магдалена (1912)

Први песни (1913)

Животот на Марија (1913)

Португалските писма на Маријана Алкофорадо (1913, превод)

Андре Жид: Враќањето на изгубениот син (1914, превод)

24 сонети на Лујза Лабе (1918, превод)

Од раното творештво на Р. М. Рилке (1921)

Кукли (1921)

Митсоу (1921)

Девински елегии (1923)

Сонети за Орфеј (1923)

Пол Валери: Песни (1925)

Vergers suivi des Quatrains Valaisans (1926)

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?