Занимливости и информации Литература Римска митологија Факти

Дволикиот бог Јанус и месецот јануари

Во римската митологија, Јанус е бог на почетоците и премините, исто така, и на портите, вратите, ходниците, краевите и времето. Всушност, тој е дволик бог бидејќи гледа и кон иднината и кон минатото. Римјаните му го посветиле месецот јануари, во кој во денешно време е најдобро зачуваниот спомен за овој бог.

Симбол за промените и преодите

Јанус честопати бил користен како симбол за промените и преодите, како оние од минатото кон иднината, од една состојба во друга. Исто така, од еден светоглед кон друг, од една вселена кон друга. Јанус бил почитуван на почетоците на жетвите и сеидбите, исто како и на браковите, раѓањата и другите почетоци на нештата. Ја претставувал средината помеѓу варварството и цивилизацијата, селата и градовите, младоста и староста.

Според некои, тој бил чувар на вселената, но за сите Римјани, тој бил бог на почетоците и краевите. Имал контрола над сите влегувања и заминувања. Бидејќи секоја врата и ходник гледаат во два правци, Јанус бил опишуван како двоглав бог со погледи во спротивно. Тој бил чувар на портите. Со оглед на неговата важност, неговото име во молитвите било споменувано пред Јупитер.

Го штител почетокот на сите активности. Бил задолжен за промената на годишните времиња. Првиот ден од секој месец му бил посветен нему, како и првиот месец од годината. На постарите римски монети може да се најде неговата глава. Понекогаш, едното негово лице е брадосано, другото избричено. Подоцна, за време на Ренесансата, неговата слика, освен минатото и иднината, ја претставувала и мудроста.

Минатото, иднината и сегашноста

Претставите за Јанус се чудни и двосмислени. Изгледа дека ги комбинираат местото и времето во една неудобна блискост. Навистина, како најреално искуство најчесто го сметаме сегашниот миг. Минатото и иднината ни се понепознати или подалечни.

Ако помислиме на механизмот на своите акции во моментот, ние сме постојано во причинско-последично движење. Искуствата од минатото влијаат на сегашноста, а со тоа и на иднината. Колку повеќе свесно ги поврзуваме спротивностите, толку полесно доаѓаме до рационални решенија.

Неговото име потекнува од латинското ianus (свод, покриен премин), од праиндоевропското *yeh (оди, влегува, патува). Од истиот праиндоевропски корен се и нашите зборови езди и јава.

Прочитајте и за Атлас во грчката митологија.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје