За испраќањето на една година и новите почетоци

Ако едно нешто може да се издвои како заедничко за оваа година која полека се наближува до крајот е тоа што сите заедно посакувавме побрзо да заврши. Точно е дека со доаѓањето на 2021-та нема да се ибришат сите неубави нешта од оваа година. Уште поточно е дека пандемијата нема магично да исчезне сама од себе. Денес решивме да се сконцентрираме само на убавите и позитивни нешта кои ја одбележаа оваа година. Но од лошите да извлечеме мудри заклучоци. Сакаме да ги повикаме и искрено да ги посакаме убавите моменти кои веруваме од дното на душата дека секој од нас ги заслужува!

На кого помислувам во овој момент додека го пишувам текстов?

Помислувам и на сите оние кои изгубија некого во оваа година, кои се бореа со невидливиот непријател. На сите оние кои ја изгубија битката во оваа борба, целокупниот медицински персонал кој беше и е во првите борбени редови. Во овој миг да се потсетиме на оние кои не се во сопствените домови и водат тешки битки во болнички услови. За миг да помислиме и на бездомниците, но и на оние кои немаат топол дом, кои се далеку од најблиските. Ни паѓаат на ум и талкачите, осамените луѓе кои во друштво на самите себе ќе ја поминат новогодишната ноќ.

Да не ги заборавиме и оние кои се сами, стари и изнемоштени, па не им прави разлика кој период од годината е во моментот.
За крај помислувам на сите луѓе во цел свет на кои им треба топла прегратка, топлина во душите и спокој. Не се сами, некој помислува и на нив! Не ги спомнуваме за останатите да се чувствуваме подобро, туку во знак на поддршка, како потсетување дека некој го нема она што го имаме ние.

Кои се херои на годинава?

Сите луѓе што немаа друг избор освен да одат на работа кога останатите беа во карантин. Таквите ги имаше многу, посебно во приватните сектори. Вие сте хероите, всушност СИТЕ НИЕ сме херои кои ја преживеавме оваа 2020-та. Година која секој ќе ја памети по своите постигнувања, достигнувања и неуспеси, а колективно ќе биде запомнета по неколкуте работи на кои нема да им спомнеме име, но ќе посакаме никогаш да не се повторат. Ти што го читаш ова си херој, твојот пријател, познаник, како и останатите на кои помислуваш и се покрај тебе!

Ви честитам на храброста, на издржливоста, креативноста, човечноста, пријателството, добрината, искреноста.

Оваа честитка е за секој од нас, бидејќи сите бевме храбри! Успеавме да го заокружиме и последниот ден од последниот месец од втората деценија на дваесет и првиот век.
Бидејќи не знаеме што ќе ни донесе денот, наредниот миг и годината, ние сме доволно скромни најмногу од сè да си посакаме здравје. Здравјето е најважно и не може да се стави пред ништо, ова беше една од лекциите кои ги научивме повторно.

Покрај добро здравје кое ви го посакуваме во изобилство од сè срце, Ви посакуваме љубов, среќа и безброј весели мигови со вашите најмили. За останатото потрудете се, но не заборавајте што ви е најважно во животот.
Новите 365 денови се 365 шанси кои ги добиваме сите подеднакво.
Искористете ги мудро, а кога стрелките на часовник на полноќ ќе се поклопат замислете си една желба. Покрај неа, нека ви се остварат и сите останати! Среќна Нова година!

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?