Литература Писатели и поети Поезија Светска поезија Странски автори

Копче – Олесја Николаева

Олесја Александровна Николаева (род. 6 јуни 1955г. во Москва во семејство на писатели) е руска поетеса, прозаист, есеист. Пишува поезија од седумгодишна возраст, проза – од петнаесетгодишна, објавува – од шеснаесет години. Го завршила Литературниот институт М. Горки (отсек за поезија), каде што, од 1988 до 1989, држела предавања од „Историја на руската религиозна мисла“. Периодично објавува во списанијата и литературните зборници, алманаси и антологии, а исто така и во литературните весници и неделници.

Член е на Сојузот на писателите (од 1988). Член е на ПЕН центарот (од 1993). Дела од Олесја Николаева се преведени на голем број светски јазици. Ја претставувала руската поезија на фестивали и конгреси во Франција, САД, Мексико, Италија, Швајцарија, Куба, Германија. Олесја Николаева е автор на голем број збирки поезија и книги во проза.

Добитник е на голем број награди: наградата „Поет“ (2006), наградата „Просветување со помош на книгата“ во номинацијата на „Уметничка литература“ за книгата „Корфу“ (2011), Орден „Културно наследство“ на Меѓународната федерација на рускојазичните писатели (2011), Патријаршиската литературна награда (2012) и др.

Копче

Наеднаш во тревата копче ми блесна
Од белиот фустан – седум години како
Копчево смешно од ракавот од свила лесна
Се откина. Веќе го нема ни фустанот сакан.
Но – копчево! Како пееја славеите тој ден!
Еден – ете тука на јоргованов, лилав.
Јас во бело, небаре заради мене бил дојден,
Поптевнувајќи како да му додавав крила…
Ги кревав тие свилени ракави горе,
Како диригент, – да е точно ми беше важно,
Со немир ја следев ноќта, за она што зборев,
Да не ги издаде тајните, да не биде лажно.
И наеднаш, љубоморно ја стуткав свилата
И копчето – а тоа не издржа и падна…
Мина ноќта, славејот си ја изгуби силата,
Фустанот се стутка во некоја фиока задна…
И си потекоа деновите како река:
Ту дожд, ту снег, ту врани на небо празно…
Тогаш закопчај ги побргу, не чекај,
На копчево разбудените чувства разни.

Препев: Тања Урошевиќ

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје