Таа го носеше црвениот џемпер кога го здогледа него првпат. Беше тргнала на обична прошетка и да купи некои намирници за дома на враќање. Тој беше излезен надвор и во паркот го шеташе своето куче. Девојката со црвениот џемпер кој ѝ беше покриен со белиот капут поминуваше низ паркот несвесна што ја очекува за само неколку секунди. Само што го пушти кучето од синџирот за да се истрча во паркот, тој го набљудуваше внимателно.
Од далеку ја здогледа неа, како се движи полека речиси потоната во своите мисли додека чекореше по патеката. Во тој момент кучето се упати право кај неа, трчаше небаре ја познава од некаде, како да беше таа негов стопаник кој го немаше видено долго време.
Кога го здогледа пријателски расположеното куче како трча кон неа, девојката си нацрта огромна насмевка и чекаше да дојде до неа. Само што се доближи, клекна пред него и почна да го гали. Не го ни забележа момчето кое беше тргнато кон нив во страв дека таа ќе се исплаши од растрчаното куче. Тоа почна да ја лиже по рацете, весело го вртеше опашот и кога го здогледа својот газда почна да скока, потоа почна да трча прво до кај него, па до кај неа наизменично.
„Извини, го пуштив малку да се истрча, сакал да те запознае штом дотрча кај тебе. Не се плаши, сака само да си игра“, ѝ рече низ насмевка. Но длабоко во себе беше среќен што кучето им овозможи да почнат разговор. „О, не се плашам воопшто, мислам дека се спријателивме“, му рече девојката гледајќи го право во очи. Тогаш кај неа се појави некое чувство на познатост, како да го познаваше од претходно. „Мислам дека овие очи сакам да ги гледам до крајот на животот“, си помисли.
„Не се претставив, јас сум Војдан, мило ми е “, ѝ рече. „Јас сум Калина, мило ми е и мене“. После ова кратко познанство, Војдан ѝ предложи ако има време да поразговараат малку додека Марли трча околу нив. Тогаш Калина се согласи, заборави на одењето во продавница. Не ѝ се испушташе приликата да го запознае ова момче кое ѝ делуваше толку познато. Зборуваа речиси два часа, додека надвор не падна целосен мрак. Ним им се чинеше дека поминале само дваесет минути. Си разменија телефонски броеви и рекоа дека ќе го продолжат разговорот. После два часа се разделија, секој тргна во своја насока.
Калина се врати дома без кеси, но душевно исполнета. Беше сигурна дека го запознала човекот кој можеше толку силно да го сака. „Има нешто ветувачко во тие негови очи, таа насмевка и погледот кој ме гали додека ми зборува“, си помисли длабоко во себе пред да заспие.
После неполни два месеца повторно се сретнаа. Седеа во кафулето, разговараа, се смееја и веќе беше јасно дека измеѓу нив има нешто повеќе од пријателство. На следната средба им се случи и првиот бакнеж.
После 5 години од првиот бакнеж
Војдан и Калина беа веќе две години во брак. Марли беше пресреќен што неговиот газда не е повеќе сам. Уживаа тројцата во семејната идила, можеби наскоро ќе дојдеше приновата, бракот ќе го крунисаа со нивно заедничко дете направено од љубов. Кога го носеше истиот црвен џемпер пет зими подоцна, за кој Војдан ѝ рече дека прекрасно ѝ стои, некој ѝ се јави на телефон. „Госпоѓа Калина, се јавуваме да ве известиме дека вашиот сопруг имаше страшна несреќа на работното место. Жалам што мора да ви го соопштам ова, примете сочувство“, ѝ кажа непознатиот глас од слушалката. Калина не веруваше во тоа што го слушна, сигурно се работеше за грешка.
Кога се увери дека веста е точна, цел свет почна да ѝ се руши под нозете. Го мразеше џемперот што го носеше, како да е тој виновен за загубата на нејзиниот Војдан. Почна силно да плаче без глас, липаше давејќи се во солзи. „Мојот живот повеќе нема смисла, Марли“, му викаше на кучето кое лежеше во нејзиниот скут, како да насетуваше дека нешто лошо се случува.
Од тогаш повеќе не го облече црвениот џемпер, го мразеше и него, но и својата несреќна судбина. „Зошто нејзе ѝ се случи ова, кога беа во најубавите години од животот, кога убави работи допрва требаше да им се случуваат?“. Немаше одговор, освен една далечна мисла која струеше во воздухот: „Така требало да биде“, небаре ќе ја утешеше. А знаеше дека утеха нема.
Н.Н
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.