Постои ли некоја песна што ве потсетува на вашиот живот? На некоја љубов од средношколските денови? Или на некоја разделба? Или на очи што засекогаш ви останале заробени во душата, иако сте ги подзаборавиле малце? Ух, за мене постојат такви песни. Некои си ги избрав јас, а некои самиот ти ми ги покажа.
Што сменува ако ти кажам дека се сеќавам на сè? Точно го помнам секој миг, иако беше многу одамна. Го помнам денот кога прв пат те запознав. Тој убав, сончев, јунски ден, ти, заедно со твојот најдобар другар дојде во нашето маало. Морам да ти признаам, не те сакав на почеток. Воопшто не те сакав. Можеби и те мразев затоа што во очите криеше иста таква насмевка каква што се криеше во моите. Имаше премногу соништа, премногу желби. Иако бевме тазе полнолетни, двајцата сè уште имаве души на деца. Ја чуваш детската душа сè уште или другите ти ја одзедоја?
Се сеќавам дека кога добив сипаници, самo ти ми доаѓаше на кафе. Немаше прележано. Ама не се плашеше. Или љубовта кон мене те заслепуваше, па не сакаше ниту стравот во себе да го видиш. Памтам сè. Памтам кога на другарти му шепна дека мене ме сакаш, а другарка ми се радуваше оти мислеше дека за нејзе му раскажуваш. Не сфатив. Тогаш не сфатив дека и таа те сака. Се сеќавам на она летно попладне на купата, кога прв пат устите ни се споија. Со сигурност можам да ти кажам дека тоа беше најубавиот бакнеж во мојот живот.
Добро се сеќавам на онаа ноќ кога ти се предадов. Само јас и ти ги знаевме сите мали слатки задоволства кои еден на друг си ги пружавме. Убаво се сеќавам и на разделбата. Кога ладно те погледнав в очи и ти реков „Ова меѓу нас овде завршува.“. И си заминав. Не ти дадов ни збор да ми кажеш. Се сеќaвам и колку ме молеше само да ти објаснам зошто. А би можел ли да ја разбереш суштината на женското пијателство? Сфатив дека и другарка ми те сакала, па полесно ми беше да патам по тебе, од тоа да останам без неа.
Jа знам на памет песната што ми ја прати откако се разделивме. Се сеќавам и колку многу те прогонував. Колку пати сакав да разговараме за било што освен за нас. Колку пати се потрудив да те натерам барем „Здраво“ да ми кажеш, ама не успеав. Денес, сè што сакам е тоа. Едно „Здраво“, едно „Како си?“ и дека си добро да ми одговориш. Не сакам да ти раскажувам за мојот живот, ниту сакам да слушам за твојот. Не ме интересираат жените во твојот живот. Единствено што сакам е уште еднаш да потонам во твојте зелени очи и од усните да ти слушнам дека си добро. Така барем ќе знаам дека можеш барем да ми простиш.
Лина Димоска
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.