Skip to content

Да бевме во зоолошка – Виктор Кадинец

  • by

Да бевме во зоолошка,

повеќе крепост ќе си имавме.

Да се погледневме меѓу решетките,

повеќе слободата ќе ја милувавме.

Забрефтани во самотијата

и непокорениот покор,

лице ќе имавме да се видиме.

 

Ниту кичмата ќе ни беше виткана,

свиткана,

потцапана,

накалапена со тегови од бегови.

 

Да бевме во зоолошка…

ист леб ќе јадевме.

Сув, сладок.

Небото ќе ни беше погледот,

слободата копнежот.

Лавот, кралот.

Сонцето, мирот.

Вака ни остана само препевот на песните од Тешкото…

и по некој спомен за домот со сонце.

 

Да бевме во зоолошка,

повеќе ќе се сакавме…

и кичмите исправени ќе ни беа…

и кога ќе се погледневме од решетките,

горди ќе бевме на заробеноста своја.

Виктор Кадинец

Напишете коментар