Лаже селото дека тагувам.
Добро ми е. Повлекувам од цигарата како да е последниот здив што ќе го вдишам,
поминувам со показалецот по твојата дланка ко тоа да е последната приказна што ќе ја испишам.
Добро ми е. Нека не те лаже селото,
ова срце мое црвено војува,
сонува и можеби и никогаш не престанало,
ова срце мое не го брои веќе времето што по тебе застанало.
Се сеќаваш ли? Се сеќаваш ли како заедно сонувавме,
како пробувавме да си ги откорнеме душите верувајќи дека тие се одговор на сѐ?
Ќе ми веруваш ли ако ти кажам дека животот ми застана без тебе?
Добро ми е, пијам,
не спијам ко порано зошто немам веќе до кого да легнам,
го трчам светот ама од себе не можам да побегнам,
добро ми е, те сонувам понекогаш,
во таа твоја црна јакна под ѕвездите каде што ми рече “засекогаш”.
Каде отиде нашето засекогаш најмило мое?
Илјадници заклетви, илјадници ветувања, зборови – потонаа ко трули бродови.
Не ме гледај така, добро ми е, само споменот назад на моменти ме враќа.
Направи ми услуга,
бакни ме уште еднаш и однеси ме таму каде што лебедите од жал се самоубиваат,
однеси ме на местото каде што поетите умираат,
таму остави ме да се соочам со себе,
остави ме додека не дојдеш,
илјада пати да умрам и илјада пати да оживеам по тебе
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.