Skip to content

Нова година, нови ние?

Пред единаесет дена ја пречекавме и долгоочекуваната 2021 година. Претходната година сите заеднички со една мисла и желба сакавме конечно да ја испратиме. Но дали со неа ги испративме проблемите и магично добивме решение на сè? Секако дека не.

Новата година асоцира на нов почеток, нови шнаси кои треба да бидат искористени. Сметам дека секогаш постои простор за промена без оглед кој период од годината е, доколку ние самите сме подготвени да се промениме. Воведувањето нови навики не е нешто што се прави преку ноќ. Ден по ден се прават малечки промени, чекор по чекор со дисциплина се вкоренуваат навиките, а тие пак носат посакувана промена.

Важните прашања на тема “промена“

Доколку не сакаме да се промениме (најчесто на подобро) ние ќе си останеме истите и наредните лета. Затоа многу е важна искреноста кон себе, здраво анализирање на себеси, на своите капацитети, силни и слаби страни. Одговорите на овие прашања: „Што е она што сакам да го променам?“, „Зошто сакам да направам промена?“, „Каков би бил исходот од промената?“, размислете ги убаво. Со искреното одговарање методот на самонабљудување ќе биде поуспешен, а ние ќе имаме почетна основа. Понатаму ќе знаеме кон каде да се насочиме. Ментално, физички, духовно, спиритуално.

Нова година, исти маки

Точно е дека со промена на календарската година сите тешкотии магично од себе сами нема да се решат. Барем не додека не направиме напори за да ги совладаме. Битен фактор кој игра клучна улога е искреноста. Како кон себе така и кон она што го правиме. Искреноста кон себе е можеби најважна во целиот процес на промена, од било кој вид. Мора да погледнеме на нештата со ширум отворени очи согледувајќи ги сите недостатоци и предности. Само така има простор за подобрување, а со тоа правење позитивна промена.

Ништо не е лесно на почеток, а ни подоцна

Велат секој почеток е тежок, а тоа е сосема точно. Меѓутоа тежината на нештата подоцна не станува полесна туку ние учиме да се носиме со нив. Ние стануваме посилни, па затоа и работите подоцна не ги доживуваме тешки како на почетокот. Тргнете од себе повикувајќи се на личен пример од сопственото искуство. Тогаш ќе сфатите колку има вистинитост во ова. Вие сте посилни отколку што мислите. Надминувајќи ги сите препреки, победувјаќи ги сите битки, станувате позрели, посилни, помудри и полни со животни искуства.

Нова година, ние постари за една година

Со новите 365 дена што ни се дадени на располагање ние стануваме постари за една година. Годините се само бројка, а толку се врзуваме за нив, што честопати достигнувањата, победите и поразите се поврзуваат токму со возраста. Сосема е во ред на 18 години да не се запишеш на факултет доколку сметаш дека не ти е потребно високо образование. Потполно разбирливо е и ако не успееш да го завршиш факултетот во рок, ние луѓето не сме робови, ниту пак прецизни како компјутери. Целосно е во ред во третата или четвртата деценија да стапиш во брак и да се реализираш во улогата на родител. Но исто така сосема е океј ако одлучиш да не влезеш во брачна заедница и да не бидеш родител. Никаде нема брзање бидејќи за некои животни одлуки вреди да се почека наместо да бидат избрзани.

Поентата ми е дека не треба да се ограничуваме, за сè си има прикладно време иако тоа “отскокнува“ од пропишаните стандарди или наметнати општествени “улоги“ или “правила“ за тоа “кога е вистинско време за некои работи“.

Вистинско време е заблуда

Вистинско време е кога ти самиот мислиш дека е. Во склад со твојот животен пат, промените и влијанието на средината, поблиското и пошироко опкружување. Но овие само како фактори кои ти помагаат во носењето одлука, а не ја носат одлуката во твое име. Бидејќи ти самиот треба да ги донесеш најважните одлуки во животот. Одговорноста за истите исто така паѓа врз тебе.

Затоа, без оглед дали е месец јануари, почеток на година или средина на годината, секогаш постои простор за нов/а ти. Само доколку сакаш да воведеш новитет, нови навики во начин на живеење, дружење, и слично. Од тебе зависи. Никако не зависи од бројките што ги гледаме секојдневно, а ги нарекуваме датум и време. Тие служат само како временски мерни единици и ништо повеќе. На пример, ни покажуваат колкав период ние веќе сме во новата навика, или колку време поминало откако сме почнале да практикуваме нешто.

Кормилото на бродот наречен живот е во вашите раце. Целете правилно низ мирно море, со понекој малечок бран. Среќно!

Н.Н

Погледнете го и овој текст за седумте животни принципи за успех, остварување цели и креирање реалност.

Напишете коментар