Еден од најинспиративните луѓе на денешницата, Џек Ма, сопственик на компанијата Алибаба може да ви ги даде најдобрите лекции за тоа што е успех. Навистина. Секој негов збор враќа надеж, дава сила, ве турка и ве тера да одите напред. Неговите зборови ни покажуваат што може да направиме, каде да одиме и како да се снаоѓаме во лоши ситуации. Но, од друга страна, Џек Ма, знае да ја сврти и другата страна од коцката. Со трпелив глас ќе ви каже колку го чинело сето тоа и колку жали што не можел да помине повеќе време со своето семејство, градејќи го својот пат кон успехот.
Изборот е тежок
Како императивот на успехот ги уништува нашите животи? Алан де Ботон е познат писател, социолог и филозоф чии дела се преведени на повеќе јазици. Како повеќето од нас, тој вели дека најголемата криза во кариерата ја доживува во недела на вечер. Тогаш се отвара јазот меѓу неговите очекувања и реалноста и секогаш завршува заглавен на удобниот кревет.
Познато сценарио?
Но, Ботон истовремено вели дека тоа не е производ на индивидуална криза. Станува збор за општа, голема криза на човечкиот род. Коренот на оваа криза лежи во тоа што денес е навистина лесно да се оствари успех во нешто и да се создадат услови за добар живот. Меѓутоа, исто така е тешко како никогаш претходно да се биде спокоен и слободен во однос на стравот од доживувањето на неоствареност, од неискористување на потенцијалите, од кариерен неуспех. А зошто е така? Според Ботон, така е затоа што сме опкружени со снобови.
Успехот и снобизмот на успешните
Цел свет мисли дека снобизмот е британски или оксфордски феномен. За жал, не е така. Снобизмот е насекаде околу нас. А сноб е секој кој што издвојува само еден дел од вашата личност и само врз основ на тоа донесува заклучоци за тоа кои сте и колку вредите. Денес не постои подоминантен снобизам од деловниот. По само неколку минути од запознавањето со некого, следува исконското прашање на 21 век. „Што работиш?“ А од она што ќе го кажете во следната реченица, тој некој ќе создаде цела слика за вас и вашата личност.
Спротивни на снобовите се нашите мајки – оние кои не сакаат без оглед на тоа што сме постигнале. Но, секој има само една мајка и цел свет на снобови кои судат. Така ни станува многу важно колку успех ќе постигнеме. Затоа тонеме во темниот свет на материјалните вредности. Главната причина зошто денес не можеме да бидеме смирени лежи во нешто убаво на прв поглед – во надеж дека сите имаме шанса да направиме кариера. Никогаш, порано очекувањата од луѓето не биле толку големи. На многу начини ни се сервира тоа дека нема ограничувања за нас и дека секој може да постигне што сака. Веќе нема систем на касти. Сите се слободни да се искачат на врвот на социјалното скалило.
Звучи совршено?
Постои дух на еднаквост без хиерархија, свет на еднакви можности за сите. Но, тука е и зависта. Страшна, морничава, лута завист за која неволно се зборува, но која никогаш не постоела во олква мера. Како што општеството ни кажува сè почесто и погласно „можете да успеете“, нашата самодоверба е на пониско ниво.
Синдром на годишнина од дипломирањето
И зависта е неразделно поврзана со духот на еднакви можности за сите. Не можете да бидете љубоморни на кралицата на Англија. Таа е премногу туѓа за вас, нејзината судбина во никој случај не е слична на вашата. Но, колку е некој поблиску до вас по потекло, според социјалниот статус од кој потекнува, според образованието или според возраста, веројатноста да почувствувате завист се зголемува. Затоа годишнините од дипломирањето се едни од најстресните настани.
Но, денес, целиот свет е како тоа општество од училиште, во кое се чинеше дека секој ги има истите шанси како нас. Денес, сите се облекуваат исто, јадат на истите места, слушаат иста музика и гледаат исти програми. И бидејќи тие не живеат во кралски палати, сите луѓе што ги среќаваме на секој чекор ни се чинат како некој како нас, но во исто време е многу потешко да им простиме за успех поголем од нашиот. Денес е неверојатно за некој да стане богат како Бил Гејтс, исто како што беше неверојатно за еден селанец да стане крал на Франција во 17 век.
Денес, ние сме убедувани од сите страни дека ако сме доволно упорни, доволно снаодливи, доволно посветени, сите можеме да бидеме успешни како Бил Гејтс. Иако е дури и математички невозможно, ние се чувствуваме должни да дадеме сè од себе за таа цел. Во исто време, како што општеството сè почесто и погласно ни кажува дека „можете да го направите тоа“, нашата самодоверба е на сè пониско ниво.
Теророт на меритократското општество
Во меритократските општества, кои најизразени се во западните метрополи и нивните жители, правилото е дека ако имате сила, вештина, знаење и волја, можете да станете што сакате. Вака изгледаат современите големи градови, составени од талентирани луѓе од провинциите или други земји, кои достигнале репутација и позиција само преку своите заслуги. И, тоа навистина звучи како идеал, реализирана утопија на земјата.
Но, ако верувате дека во денешното општество секој што е на врвот и заслужува да биде на врвот, тогаш во исто време мора да верувате дека секој што е на дното заслужува да биде на дното. Неуспехот, како и успехот, е прашање на заслуга. Некогаш неуспешните биле перципирани како несреќни, денес, како губитници. Дали е добар меритократскиот систем, тогаш? Да, во теорија и како идеја. Инаку како би се спротивставиле на идејата дека секој успева онолку колку што има способности.
Во пракса, сепак, да се очекува секој да го добие она што го заслужува на крајот и да се најде точно таму каде што заслужува, е прашање на утопија. Кој од нас може да процени нечиј успех или неуспех, и кој може да се осмели да тврди дека секој добил фер парче од среќата и успехот? Хмм… На крај, запамтете, успех е само она што вие ќе одлучите да биде.
Прочитајте зошто е во ред, ако ништо не е во ред.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.