Овој есеј освои прво место во категорија II на учесници над 18 години. Прочитајте го во продолжение!
Утехата од ладните претпладниња ја наоѓам во врелиот чај од јаболко и цимет. Стојам покрај прозорецот кристализиран од замрзнати природни орнаменти и дувам во порцеланската шолја со божиќни мотиви и рачка во форма на елка. Мириса пецивото од вжештената рернa, ванилици со сало посипани со шеќер во прав, и радоста ми е неизмерна колку и новогодишните желби. Недобројна.
Од декември давам предност на четива кои вбројуваат студ во насловот: Снеговите на Климентина Евин, Воз во снегот, Сребрени снегови, Тамбовските снегови,Како да го избегнеш Божиќ, Зима со мирис на капини.
Украсувањето на елката покрај варено вино, зачинето со парче портокал и каранфилче е традиција. И волнените чорапи, крзнените топлинки, плетените џемпери, кичот да се има секаков аксесоар во зелена и црвена боја. Кој рече дека зборот нема својство да мириса? Ги оптегнувам речениците како да се неистрошени потпури од кои го формирам парфемот на зимската магија. Бело топено чоколадо, ммм.
Безуспешно се обидувам по трет пат да создадам силуета од елка со сијаличките додека ќерка ми со озарени очиња ги придржува и притоа со нетрпение го очекува резултатот. Гледаме во полната месечина, сјајна, единствениот лампион кој со години останал непроменет за разлика од уличните светлечки украси. Пишувам и не ми е целта да ја истиснам Короната од текстот, никако. Но вистината е дека не и’ успева да доминира. Долета како ново пиротехничко средство со единствена цел да го распламти светот, чувството на припадност, да ја анимира благодарноста за минливиот миг, да се задоволиме со полна чинија и столчиња на број. Толку е едностaвен рецептот за среќа, без додатните зачини кои само го оптеретуваат неговиот вкус.
– А ако Дедо Мраз ја пуштил затоа што сме непослушни?— се слушам јас во наивното гласче на ќерка ми и одеднаш како божиќен дух скокнувам 20 години наназад. И ништо не се променило во однос на славењето: гласно пуштен телевизор, гирланди висат од корнизата , деца во обид да го имитираат пејачот, возрасните се смејат. Прскалици и петарди, лушпи од мандарини во функција на освежувачи, спрострени на печката. Една супернова ја пресекува среќната и безгрижна фрејмажа, се најдувам во болничка соба. Болниот со мака изразена низ стегнатите жили по телото го напушта креветот и оди до прозорецот. Низ темните контури без лик на градот се отсликува неговата. Безизразна е, испиена. Огнометите распрскуваат низ небото, солза го крши згрченото лице.
– Среќна Нова, мила моја.— го допира ладното стакло на прозорецот, таму некаде слепо целејќи во зградите, обидувајќи се да го најде своето живеалиште низ осветлените скици. Се скаменувам! Има луѓе кои не ќе ги бакнат саканите, за првпат после децении. Нивната имела виси над глава, исушена од тага.
Повторно сум дома. Здивнувам. Издишувам со полни гради, го впивам специфичниот мирис на моето огниште, издишувам како последица на тешкото привидение, кое посакувам да било илузорно. Ги оставам сијаличките и во мојот чадор од прегратка ги засолнувам најдрагите, оние за кои сум потпишала дека сакам да бидат сопатници, гости за доживотен дочек на Новата. Благодарна сум. Благодарна, придавка која одамна не сум ја искористила, а е се’ што ми е потребно за да се изразам. Тоа е битно нели? Не каде си, туку со кого. Се раскрилува миризбата на салеп и сопругот ми нуди еден, доволно блиску до носот, за да ме разбуди од занесот. Се насмевнувам како штотуку да сум го одглумила последниот кадар од новогодишна реклама. Уживај во моментот. И чувај се! Биди задоволна со малите нешта кои се најголемото добро што ти се случило. Слогани ми надразнуваат вијуги со својата наметливост.
Топло ми е дома, и на нозете и во срцето. Се туткам под дебелиот јорган од пердуви што ми го подари баба ми во чеизот. Каде што на твоите недостатоци им е удобно, таму ти е домот, ја слушам нејзината мудрост. Што да посакам? Здравје, секако здравје. Тоа е лекцијата од претходната година. А изолацијата е тука да ми го оправда зимскиот сон, интровертноста која настапува штом падне снегот, мизантропијата под празнична еуфорија, носталгијата да се вратам дома во комфортот на својата постела откако ќе преминам праг. Вирусов ме научи да сакам повеќе време да минувам крај нив: електроните на моето постоење.
Го пуштаме возот на батерии, околу елката, и радосно одбројуваме. 10, 9…
Ги замижуваме очите зашто желбите годинава траат повеќе од одбројување до 10 наназад. …Ги подигаме хамерите високо. Додека огнометите блештукаат и ја осветлуваат ноќта во ламирани палети, прозорците на Инфективното одделение се преполнуваат со глави. Изненадени е безначаен атрибут што може да се прилепи за изнемоштените лица. Мафкање, довици, радост и тага.
Тивка ноќ, света ноќ…ги палиме прскалките. Ѕвезденото небо заживува во нашите дланки и нивните зеници. “Издржи!” “Те сакам” “Те поздравуваат децата.” Зад изнемоштените лица се нижат други, облечени во скафандери и маски. Се радуваат заедно. Спасyвачите и спасениците. Се радуваат на божиќното чудо и паднатата ѕвезда која ќе им ги исполни желбите. Да бидат здрави. Годинешната честитка ја испративме со песна до болницата, со надеж песна да ги огрева утрата во новата…
Јована Матевска Атанасова