Ваши дела Есеј Конкурси Литература

Корона за време на новогодишните празници – Марија Мишова

Овој есеј освои второ место во категорија I на учесници под 18 години. Прочитајте го во продолжение!

Се ближи највеселата ноќ во годината. Ноќ исполнета со безброј прекрасни доживувања. Некои од нас се среќни, ќе добијат нови 365 дена кои ќе ги искористат за да бидат со своите најблиски, ќе имаат денови кои ќе треба да ги исполнат со среќа, радост, нови авантури и безброј возбудливи моменти. Од друга страна се оние кои се тажни, за нив завршува старата година и повторно се осамени. Но, дали некој се запрашал што всушност значи таа нова година?
– Мислам дека одговорот на повеќето од вас е “не”.

Моја цел е да ви соопштам што всушност претставува таа, иако можеби повеќето ќе си кажат како може едно дете од дванаесет години да знае што е вистинска вредност и значење. Но сепак јас ќе ви докажам дека се лажете, не сте во право, па затоа останете до крајот.
– Новата Година е симбол за среќа и радост. Таа претставува нов почеток и можност да поправете се што ќе посакате. Не е важно дали се работи за физички изглед, карактерна особина или слично. Таа ви нуди можност да се ослободите од лошите мисли и навики, своите грешки и недостатоци да ги поправите. Или пак, доколку сте биле среќни и задоволни, потрудете се да бидете посреќни и позадоволни од минатата година. Новата Година ви нуди нови 365 дена, нови 365 празни листови, празна книга на која вие сте автор. Вие одлучувате дали ќе ги пополните или не.

Вие сте оние кои ќе одлучите дали ќе бидат исполнети со убави и среќни моменти со вашите најсакани, со нови прекрасни авантури и безброј топли прегратки. Не дозволувајте тие листови да бидат празни, мрачни и тажни. Сетете се на минатите години, празници, на Новогодишната вечер, на сите весели и среќни моменти. Иако оваа година нема да има такви големи прослави со пријателите, сепак ќе биде весело, ќе уживате во прекрасен амбиент со вашите најмили. Знам дека многу од вас се прашуваат како ќе се одвива тоа, кога во целиот свет владее епидемија (CORONA-19), болест која носи многу жртви со себе. Секој ден го зголемува бројот на своите жртви, невини луѓе кои ги губат своите животи, најчесто од туѓото невнимание и несериозност.
Затоа треба да гледаме на позитивната страна.

Можеби Новата Година ќе ни донесе радост и одлично здравје, многу наследници на своите баби и дедовци. Секој од нас е свесен за опасноста на овој вирус, па затоа оваа година нема да има големи прослави и забави како минатите години. Нема да има групирање, ќе бидеме со најблиските, односно со семејството. Некој можеби ќе каже дека нема да биде исто, но јас мислам дека се лаже, а еве и зошто. Ќе бидеме со оние кои ги познаваме најдобро, а и тие нас. Ќе можеме да бидеме свои, да бидеме среќни и спокојни, без никаков страв. Ќе бидеме опкружени со добри луѓе во прекрасен амбиент, а празниците ќе поминат додека трепнеме. За еден миг ќе почне новата година во која сè ќе биде добро.

Сè што има почеток има и крај, па така и оваа пандемија. Најважно е да останете позитивни, не смеете да се предадете. Кога и да сакате да се откажете сетете се на медицинскиот персонал, доктори, медицински сестри, нечии родители, деца, сестри и браќа, кои секојдневно се борат за вас, со тој страшен вирус.
Јас ја постигнав мојата цел, апелирајќи што треба да вреднувате, и почитувате. Овие празници ќе поминат весело, а после нив доаѓаат нови уште повесели, најважно е да останете позитивни и со насмевка на вашето лице.

Ученик: Марија Мишева
Ментор: Александра Јованова

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје