„Тоа беше време на чуда“, пишува Ф. Скот Фицџералд во неговиот есеј „Одгласи на џез-добата“ (1931), „Ера на уметноста, доба на немодерација и сатира“. Тука, авторот ја доловува вистинската слика за бурните дваесетти – хедонизам, гламур, декаденција и богатство.
Фотографиите и илустрациите го покажуваат токму тоа заводливо, блескаво чувство на дивина и забава – девојки украсени со пердуви и фустани со реси, боб фризури, екстатично се смеат и играат диво (т.н. flapper стил).
Но, како и зошто дваесеттите години „грмеле“? И што ја направило таа ера толку уникатна и влијателна?
Во текот на 1920-тите, промените се случувале со огромна брзина. Забрзувањето на просперитетот и социјалниот пресврт во комбинација со младешката, повоена еуфорија и зајакнувањето на жените довело до фундаментални промени и рушење на границите во таа деценија
Џез ерата е полна со бунтовна спонтаност, импровизација и возбудливи иновации, како и музички правец по кој е именувана. Ритамот во музиката се проширува на визуелното.
Но, тоа било повеќе прашање на став. Модата само успешно го следела стилот на живеење.
Грев и спектакл
Ова се години кога модерната женска облека започнува да постои. Поминале деновите на тесни корсети, долги непрактични фустани, како и сложени фризури и капи. Кратки, сјајни фустани со низок струк што ги откриваат колената и боб-фризури, лесни за одржување, излегуваат на сцена.
Свиланите пижами биле популарни за порелаксирани прилики, како што се забави дома или на плажа, со кинески и египетски мотиви на ткаенината. На сцената стапува и накитот поради големото откривање на гробот на Тутанкамон во 1922 година. Се носеле и долги бисерни ѓердани.
Коко Шанел дури започнува да носи панталони. Идеалите за убавина се менуваат. Идеалната женска фигура со облини е заменета со момчешка фигура. Стиловите стануваат сеопфатни, боб-фризурата е нешто што мора да го имате. А заедно со неа и чувството на слобода, женственост и самодоверба.
Потоа, со појавата на филмот, трендовите биле многу подостапни за секого. Холивуд влетува во популарната свест, а филмските sвезди, како Глорија Свансон и Клара Боу, имаа можност да се истакнат по оригиналност и така да извршат големо влијание врз народната маса.
Атлетичарите исто така учествувале во овие промени. Тенисот, исто така го зафаќа чувството на брзина и движење – тоа веќе не е само елегантна забава. Со појавувата на француската тенисерка Сузан Ленглен, па така женската игра добива силен, брз стил.
Таа излегувала на терен облечена во крзнено палто, без оглед на временските услови, и играла во модерна гардероба со флепер – свилени тесни фустани до бутовите во црвена или портокалова боја. Пушела и пиела коњак пред публиката, за да ги смири нервите, како што се правдала. Била наречена божица.
Бришење на границите
Трендот на носење смокинг и скроени одела бил жив. Коко Шанел ги позајмува истите од своето момче, заедно со џемперот за риболов (познат и како џемпер Аран) и твид.
Андрогинскиот шик изглед и машката гардероба скроена за жени останаа популарни дури и денес (на пример, францускиот бренд Селин).
Тоа било време на ослободување и уривање на ограничувањата и табуата. Создадена е деловна жена и за прв пат на жените им било дадено право на глас и можност да живеат послободно.
Забавата траела десет години и, како што наведува Фицџералд, „скокна во спектакуларна смрт во октомври 1929 година“. Светла, но трагична, убава, но проклета, емоционално банкротирана и изгубена генерација – така најчесто се опишува.
Но, во своето расположение и естетика, како и чистата прогресивност, џез-ерата останува, без дискусија, една од најинтересните и културно највлијателна од сите епохи. И секако, забавна, додека траела.
Како што вели самиот Фицџералд, тоа било позајмено време, каде што луѓето живееле безгрижно, но било привилегија да се живее во него.
Прочитајте зошто хуманизмот и ренесансата значат будење на уметноста.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.