Skip to content

Не се сите жени кралици во шах – Лина Димоска

Не се сите жени кралици во шах.
Има такви што како пијавици
ќе ти се закачат под кожа
и ќе ти ја исцицаат цела енергија,
се дур’ од тебе ништо не остане.

Не се сите жени кралици во шах.
Има напорни, нервозни,
од ништо незадоволни жени,
што од ништо,
проблем во главата си создаваат,
што не сакаат да мирисаат на ништо друго,
освен на најскапиот парфем,
што не сакаат високите штикли
со удобноста на земјата да ги заменат.

Не се сите жени кралици во шах.
Има такви во чии очи нема да видиш ништо,
ништо освен празен поглед,
во чија насмевка нема да препознаеш ништо,
ништо освен црвен кармин,
чии лик нема да го паметиш по ништо,
освен по убавата шминка.

Не се сите жени кралици во шах.
Некои се многу повеќе од тоа,
па в прегратка ќе ти се фрлат,
уште пред да ги допреш,
в постела ќе ти се пикнат,
уште пред да ги легнеш
оти од глава не ќе можеш да ги извадиш,
мирисот ќе им го чувствуваш
уште пред да ги помирисаш
оти знаеш како мирисаат жените
што само еднаш во животот се среќаваат.
Незаборавно.

Не се сите жени кралици во шах.
Некои се многу повеќе од тоа.
Во нивните очи се кријаат цели светови.
зад нивните насмевки се кријаат најтажните приказни,
Карминот од усните нивни не ти е важен,
оти таквите усни од бакнежи ќе те опијаат.
Ваквите жени сакаш да ги фатиш за рака,
па да ги држиш долго и цврсто
оти тие чекорат цврсто на земја.

Не се сите жени кралици во шах.
Знам, жена сум и јас.

Некои жени едноставно не се кралици во шах.
Понекогаш е подобро да изгубиш таква жена,
наместо да се изгубиш себеси.
Но понекогаш, жените се многу повеќе од кралици.
Само за таква жена кралот вреди да умре.

Напишете коментар