Ќе седнеше некогаш на клупата крај јоргованот и само ќе седеше така. Молчеше. Гледаше наоколу. Некогаш ги задеваше мачките, а некогаш ги набљудуваше птиците. Малку чудна беше старицата од нашето маало. Некои велеа дека никогаш не се омажила затоа што била малку будалеста. Други велеа дека се омажила, но по некој месец сватовите ја вратиле. Само таа си ја знаеше својата приказна и од некои нејзини причини на никој не ја кажуваше. Ја таеше во себе.
Го сакаше мај. Го сакаше и јуни. Тогаш јоргованите најубаво мирисаа, па од утро до мрак седеше под гранките на јоргованот. Косата и беше седа, но долга до рамена и секогаш со совршени локни, какви ниту младите девојки не успеваат да постигнат. Не носеше темна облека. Повеќе сакаше цветни фустанчиња. Стара беше, ама во душата беше дете. Нè гледаше како играме и како растеме пред нејзините очи.
– Не дозволувајте им на возрасните срцата да ви ги извалкаат. – ќе ни речеше понекогаш. Никогаш не ни викаше, ниту не избрка, а секој ден под нејзиниот прозорец игравме. Како што растевме, така почна да станува поблиска со нас, девојчињата. Некогаш ни плетеше плетенки во косите, некогаш ќе ни скинеше некоја гранка од јоргованот. Еден ден некако тажно гледаше во небото.
– Полека ми доаѓа судниот час, ама нека, не се плашам. – велеше. Едно утро посака да ни ја раскаже нејзината приказна. – Стево доаѓаше често во нашево маало. Беше чирак кај еден самарџија, а јас бев ќерка на касапот, па знаевме дека никогаш нема да ни дозволат да бидеме заедно. Ама ние не се грижевме толку. Си седевме овде, под јоргованов. Се милувавме. Стево ме сакаше многу. И јас него го сакав. Само него сум го сакала. Ги сакаше локните од косава. Тогаш ми беше темна, темна како абонос. „Секогаш носи ги локниве, Нешке.“ ми велеше и јас го послушав. Затоа до ден денес ги носам. – некое време замолчи. Молчеше таа, а молчевме и ние. Потоа продолжи.
– Татко ми даде за ковачот Данчо. Тој бил прилика за мене, ми велеа. А моја единствена прилика беше Стево. Од кај Данчо се вратив сама. Не ме вратија сватовите, како што кажуваат. Сакав да избегам со Стево, ама тој веќе беше оженет. Со Стамена си заминале в село, за таму да си живеат. А јас останав сама да венеам под овој јоргован, ама ако. Никогаш не се покајав. Никогаш не зажалив. Оти секој поглед со Стево, секој допир, секој бакнеж беа посилни и од смрта. Кога го гледав него в очи од ништо не се плашев. Дури ни од смртта. Ете затоа не се каам. Затоа што само него вистински сум го сакала.
Една од нас ја прегрна старицата. Но таа не умре за брзо, како што си претпоставуваше. Живееше уште долго. Бог ѝ дал век за да си ја живее болката и копнежот. Колку копнееше старицата по Стево си знае само таа, а можеби и јоргованот кој немо сведочеше за нивната љубов.
Лина Димоска
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.