Вашиот глас Литература Проза

Злоставување – Силвана Панева

Со денови не стивнуваат реакциите и коментарите во една наша соседна држава. Преку ноќ главна вест e исповедта на актерка која пред неколку години била силувана во најелитната приватна школа за глума. За приказната да прерасне во мега скандал, не е злоставувана од непознат манијак кој стои и ги чека жртвите во парковите, туку сексуалниот манијак е токму нејзиниот учител по глума. Откако девојката го кажа непријатното искуство, како Пандорина кутија се отвори злото кое со години се таложело.

За кратко време насилството го потврдиле голем број на жени, кои го посетувале школото и биле обљубени од истиот интелектуалец. Пa, веднаш се наметнува прашањето: на кој начин човекот успеал триесет години да се изживува врз девојките (имале едвај седумнаесет години), и никогаш претходно кривично не одговарал? Секако дека судот треба да ја донесе пресудата за стореното дело, и секој е невин додека не се докаже делото. Сепак, да те обвини една личност, ете можеби има нешто против тебе, но да те обвинат повеќе од дваесет истомисленички, е доказ дека, тука нешто смрди!  

Ќе остане горчината за неотсонуваните соништа на младите девојки. Гневот и стравот со кој долги години живееле и прашањето кое си го поставувале….Дали, на некој начин самите се виновни за срамниот чин?! Длабоко сочуствувам со сите злоставувани девојчиња и можам само да  претпоставам низ какви емоционални кризи морале да поминат. И по неколку години смогнале сили отворено да зборуваат за таква табу тема на овие простори. Жртвите сведочат, дека неговата фигура ја сметале за татковска и авторитивна. Тој и за време на сексуалниот чин, без трошка срам го споменувал името на Бога и кажувал пасуси од Библијата.

Дел од некогашните ученици кои не биле физички, биле психички малтретирани. Кажуваат за строгиот пристап на учителот и како со погрдните зборови (дебела крава, глупав, ќорло), всушност ги припремал за тешкиот живот кои глумците ќе го живеат. Згора на сè учителот и режисер неколку пати во својата кариера, добивал награди за својата високо професионална работа.

Такви болни умови постоеле и ќе постојат, а општеството во кое живееме со години го морализираше насилничкото однесување на поединци. Под плаштот на патријахалното воспитување и традиционалната култура ги величеа поединците коитренираа строгост врз нечии деца. Секое насилство врз кревката  детска психа е недозволиво, а добронамерните учители, треба да се изведат пред суд и строго да бидат казнети.   

Претпоставувам дека ова не е изолиран случај, зашто сексуалните предатори се вгнездени во многу институции и злоупотребувајќи ја дадената моќ си даваат за право да уништуваат млади животи. Многу е тешко да се разобличат. Со ништо не ја покажуваат својата извитоперана природа. Обично се почитувани од средината во која живеат. Имаат добро ситуирани фамилии и воспоставуваат пријателски однос со родителите на зададената жртва. Имаат по две лица, едно за околината, а друго за невините деца. Откако ќе го остварат гнасниот чин, ја уценуваат жртвата никому да не кажува за тоа што се случило и како вешти манипуланти со време успеваат да ги убедат децата, во нивната “вина.

Додека предаторот тргнува по лов на нови жртви, злоставуваните деца или тинејџери живеат како во пекол. Не можат сите еднакво да се справат со доживеанит трауми. Во години кога треба со полн здив да го живеат, биваат пасивни посматрачи на сопствениот живот. Дел од жртвите за полесно да преживеат спасот во пороците го барат, други, од жртви стануваат насилници. На добар дел од злоставуваните, непријатното искуство им помогнало за сопствен раст и развој. Не успеал некој фрустриран чичко со искривени вредности, а мало либидо, да им го сруши сонот за подобро утре.

Навистина е време да се кажат со име и презиме луѓето кои водени од своите ниски страсти повредиле една или повеќе невини души. Нехумано е некое дете да минува низ голгота а главните виновници  слободно да шетаат. Треба да се делува сега и веднаш! Не, нема да биде лесен патот до правдата. Но, барем ќе се разоткријат дел од злоставувачите а децата кои требало да ја доживеат истата траума, ќе ја избегнат…….Е, тоа е нешто!   

Силвана Панева

 

 

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје