Поминаа 166 години од смртта на Жерар де Нервал (француски: Gérard de Nerval ), (Париз, 22 мај 1808 – Париз, 26 јануари 1855) еден од најпознатите француски писатели, поети, есеисти и преведувачи од епохата на романтизмот.
Животопис
Се родил во Париз, во сиромашно граѓанско семејство. Рано останал без мајка, без која растел од самото раѓање затоа што им бил даден на непознати старатели. Детството го поминал кај роднина во Мортфонтен, северно од Париз. Како млад почнал да објавува патриотско настроени стихови. Бил голем обожавател на Наполеон Бонапарт, а како уметник имал култ за германската култура. После две затворања заради учество во студентски нереди во 1832 година, се истакнал како студент по медицина во борбата против колерата која пустеела во Париз.
По враќањето од едно патување, во 1834 година, првпат ја сретнал глумицата Жени Колон (Jenny Colon). Љубовта на поетот со време му станала опсесија и добила карактер на возвишен, мистичен култ. Живеел сиромашно, само од својата книжевна работа. Во 1841 година, се пројавиле првите видливи знаци на неговото ментално нарушување, кое самиот го именувал како „проширување на сонот во стварен живот“.
После смртта на Жени Колон во 1842 година, тргнал на патување по источните земји. Инспириран од тие патувања ја објавува книгата „Пат на исток“.
Истата година (1851), Нервал запаѓа во тешка душевна криза. Оди во санаториум на лечење, но и понатаму се бави со книжевна работа, од каде е пуштен во 1854 година. Оттогаш живеел скитнички, во сиромаштија, а духовното растројство го зголемувал и неговиот страв дека не ќе може повеќе книжевно да твори. На 26 јануари 1855 година, минувачи го нашле поетот обесен во сиротинско прифатилиште.
Романтичар
Жерар де Нервал долго бил ставан во групата „други“ или дури „помали“ романтичари и бил одвојуван од четирите „големи“ претставници на францускиот романтизам, Алфонс де Ламартин, Виктор Иго, Алфред де Вињи и Алфред де Мисе. Покрај специфичноста на неговата поезија, која многу се разликувала од дотогашната, и самиот Нервал придонел за таквиот статус бидејќи своите најдобри поетски остварувања не ги објавувал во самостојни збирки, туку ги додавал на прозните дела.
По некои свои црти Нервал е изразит романтичар. Бил еден од првите припадници на групата „Млада Франција“ (La Jeune France), која претставувал активно тело на романтичарското движење. Во духот на тогашните интелектуални тежнеења тој се интересира за егзотични земји, за примитивни народи и за фолклорот, домашен и странски.
Меѓутоа, она што го прави Нервал романтичар во најчистата смисла на зборот е неговата потполна искреност. За него пишувањето не било забава или средство за постигнување успех, па дури ни внатрешна потреба, тука било прашање на опстанок. Целата негова животна судбина била врзана за книжевната творечка работа. Целото поетско дело на Жерар де Нервал е внимателно следење и бележење на сопствените доживувања, немири, страдања, скитања и надежи.
Предвесник на симболизмот и надреализмот
Угледот на Нервал како поет особено пораснал после појавата на симболизмот, на кого извршил големо влијание. Тоа влијание ги обележало двете струи на овој правец, струјата која е врзана за Пол Верлен и Стефан Маларме, а води до Пол Валери, и другата, која од Артур Рембо преку Гијом Аполинер води до надреализмот.
Како и подоцна симболистите, Нервал бара врски (соодветности) меѓу сите нешта на светот, бара односи меѓу сонот и јавето, настојува да ја сфати скриената смисла на сè што нè опкружува и тоа да го долови со сугестии, навестувања, а не со експлицитни објаснувања. Неговите песни се без реторички елементи, херметични, исполнети со зборови без прецизно и јасно одредено значење кои имаат призвук на магични формули. Пред симболистите и надреалистите Нервал ги укинува границите меѓу нормалното и ненормалното, понира во потсвеста и тежнее кон интуитивно откривање на апсолутното.
Во негова чест ја споделуваме неговата песна „Христос на Маслиновата гора“.
Христос на Маслиновата гора
„Бог е мртов! Небото е празно…
Плачете, деца, повеќе немате татко!“ – Жан Пол
I
Кога Господ, рацете кревајќи ги слаби,
под дрвјата како поет да сака да биде,
почувствува нема болка во него да длаби,
од своите придружници оставен се виде.
Сонуваа долу: и секој, со внатрешно око,
се гледаше мудрец, пророк, крал сесилен и моќен …
но зачмаен, втонат в животински спокој.
„Не, Бог не постои!” крикна низ просторот ноќен.
Но, спиеја тие. „Пријатели, новост ќе ви речам:
со челото ја допрев куполата вечна
и крвав сум, скршен, од болка сум свиен!
Браќа, јас ве лажев: Само бездна зјае!
Празен е олтарот што над мене сјае…
Бог не постои! Го нема!“ Но спиеја тие…
II
Продолжи: „Сè е мртво! Низ светови летав
и попат се губев среде ѕвездениот блесок.
Но никаде ништо живо не ме сретна:
сè сребрени бранови и сè – златен песок.
Брановите прагот пустински го лижат,
океанска бура низ витли блеска…
под нејасен тласок сферите се движат
но трага од дух нема во сиот тој бескрај.
Божјо око барав – само круг се јави,
широк и без дно: црн тек што го плави
со темнина светот, со слепило мрачно.
Над тој бунар чуден божилак се крева,
а древниот Хаос внатре – сè вцицува алчно.
III
Неподвижна Судба и студена Нужност
нема стража држат. А Случајот те влече
низ мртвите светови во движење кружно,
врз кои власт има само судот вечен.
Знаеш ли што правиш, првобитна сило,
од твоите сонца што редум ги гасиш…
И дали ќе можеш со своето крило
од еден до друг свет здивот да го спасиш?
О Татко! Дали навистина те сеќавам во себе?
За победа над смртта дали достатно си моќен?
Да не падна од раката на Ангелот Ноќен,
во одмазда за фрлање од престолот небен?
Зашто сам се чувствувам во плач и мака;
ми се чини ако умрам , сè ќе умре така!”
IV
Но вечната жртва не ја слушна никој
како срцето го нуди на овој свет студен.
И премален веќе, со последен викот,
го повика оној што уште беше буден:
„Јудо, викна, ти знаеш колку вредам в пари;
да го завршиме еднаш ова пазарење просто!
Побрзај, пријателе, зашто болката ме жари…
Дојди, ти што уште имаш моќ и желба за злостор!”
Но Јуда си одеше, замислен и мрачен,
незадоволен од парите, постојано мачен
од нечистата совест што почна да го пече…
Конечно Пилат, бдејач во служба на Цезар,
сети милост и стражари повика да влезат.
„Најдете го тој лудак!” речиси случајно им рече.
V
Тоа беше тој, тој возвишен лудак,
тој заборавен Икар што пак се крева диво,
тој Фаетон што паднал под громовен удар,
тој Атис што Кибела го враќа пак во живот!
Вражалецот ја гледаше неговата рана,
Земјата се пијанеше од крвта му света…
Светот се измести, замелушен стана
и Олимп за миг во бездна ќе влета.
„Кажи, кон Јупитер-Амон Цезар в очај викна,
кој е тој нов бог, од каде тој никнал?
Ако не е бог, тогаш демон ли е?”
Но пророчкиот храм во молк вечен мина;
само еден знаеше каде тајната се крие –
Оној што им вдахна душа на чедата од глина.
Препев од француски: Влада Урошевиќ
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.