Облаче – Виктор Кадинец

За да му заврнеш на човек на душата,

треба облак да скиниш од небото

и со добра мисла да му загрмиш во главата.

Да се попишмани тогаш погледот,

залудно ќе му биде.

Оти и да завртиш и чело и грб,

во себе, тебе те носи, во круг.

Ниту си заминал по патот.

Ниту прескокнал надежи,

ниту јадежи утринско кафе ќе му бидат.

Ниту сомот топлина,

таа гласност,

со глад, копнежи ќе буди.

Оти и да заминеш и стоплен да бидеш,

во себе, тебе те носи, те коси.

 

На крстопат чим дилема имаш.

Подобро не тргнувај на пат.

Тапкаш, трепкаш, толчиш.

Одиш, а си останал здивен,

во питома корија бараш зрак,

а тука си пак.

Оти и дилема да имаш,

во себе, тебе те носи, ти роси.

 

За да му заврнеш на човек во душа,

со неизустени зборови,

дај му смисла,

дај му лек.

Оти и да заврнеш,

ако не го прегрнеш,

тебе те носи, во себе.

Врнеш ли, грмиш ли,

облачето си го носиш.

Виктор Кадинец

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!