Поубаво е – Лина Димоска

Сите ние,
секој ден,
секоја ноќ,
секој миг
тонеме во нечии мисли,
но тонеме и во нечиј заборав,
како што во нашите мисли живее некој
и како што во заборавот
ни згаснува некоја симпатија.

Заборавот е всушност лесен
затоа што со тек на време
сигурно ни станува сеедно.
Времето навистина лечи сè,
дури и спомените,
па со тек на време му го забораваш дури и гласот.
Не дека не сакаш,
туку со тек на време
не можеш да се сетиш на гласот
кој некогаш со радост ти ѕвонел во главата.

Тогаш,
кога ќе сфатиш дека си заборавил премногу
за да можеш да се сеќаваш,
сфаќаш и дека поминало
и дека си подготвен
за да започнеш од почеток,
ако воопшто постојат нови почетоци.

Така се заљубуваш во секое ново утро,
во првото утринско кафе,
во мирисот на кафето,
во мирисот кој доаѓа од кујната,

во сонцето кое те гори цел ден.

Се заљубуваш во некоја книга,
во нечија чудна поезија,
во смеењето на најдобрата пријателка,
во нечија случајна насмевка.

Се заљубуваш во секое ново зајдисонце
затоа што му дава поинаква димезија на градот
во кој одамна си се заљубил,
во топлата квечерина,
во комарците, кои ти ја пијаат крвта.

Се заљубуваш во свежите ноќи,
во бадијалџиското скитање,
во чашата полна ладно пиво,
во желбата за да го испиеш пивото,
во нечиј длабок поглед.

Се заљубуваш во себе.
Се заљубуваш во животот
и сфаќаш дека ништо не е исто
како додека си бил вљубен во некој.
Ама баш ништо не е исто.
Поубаво е

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?