Skip to content

„Ти мене ме изневеруваш“ ми рече еднаш

А јас ќе полудам ако наскоро не те гушнам. ТЕБЕ. Не читам ни песни веќе. Ниту пишувам. Не слушам ни како Петре М. Андреевски вели: „Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство“. Ама чувствувам. И тоа како ги чувстувам овие зборови.

– Ти мене ме изневеруваш –  ми рече еднаш. Ме пресече на пола. Во дискотеката, сите околу нас станаа само нацртани фигури кои само кружеа олоку нас. По некое време исчезнаа. Не ги гледав. – Јас не сум како писателите и поетите. Не умеам со зборови, како тебе. Слушам со каква радост зборуваш за сите приказни и ликови од книгите и оние кои ги создаваш…

– Ама тие се… – те прекинав јас.

– Мртви се, знам. – ми рече – Измислени. Не постојат. Како можам јас да се споредам со нив? Со совршените ликови што живеат во твоите фантазии?

– Ама ти не мораш со нив да се споредуваш. Штом сум те фатила за рака значи дека ти си ги победил нив.

Сигурност и вистинска љубов? Кој е толкава будала да верува во ова, освен писателите и тинејџерите? А сега, еве нè, скоро во триесетите. Присутни сме, тука сме. А пак со мислите лутаме во некои подобри времиња, кога навистина сме чувствувале со целото битие. И не лутаат само поетите, писателите и уметниците. Лутаат сите луѓе. Секој обичен човек лута со мислите. Луташ ти. Лутам јас.

Оти колку и да е материјален светот, сите ние длабоко во нашите срца знаеме дека главна валута и денес е љубовта. Некои кусур враќаат со молк, некои со солзи, некои со расправии и вулгарности. Јас кусур враќам со стихови. Кога ќе се стиши тропкањето на монетите во моите џебови, тука се нашите бакнежи и насмевки. Тука ми се. Во џебот крај срцево ги носам. Тука и ќе бидат се дур’ не стигнат таму кај што треба. На усните твои, на вратот, на градите, на слепоочните, на очните капаци, на лузните од што си паѓал ко мал.

Тогаш се туткам. Се туткам во тебе. Ти се туткам во мислите, дури и во оние најмрачните. Сум ти кажала, кога сум сама, си варам едно јако, турско кафе. Го ставам на масичката каде што седевме со тебе и ги затворам очиве. Одеднаш ти се појавуваш пред мене, па со тебе го пијам кафето.

Некои мислат дека ми е лесно затоа што во погледот ми се крие насмевка. А моите очи клукаат, горат, печат, како да ќе полудам наскоро. Ако наскоро не те видам. Ако не прочитам некоја песна. Ако не напишам нешто. Ако не почнат стиховите на Петре М. Андреевски наскоро да ми одѕвонуваат во главава. Ако не те допрам. Ако не ми мислиш додека спиеш, додека си далеку. Навистина ќе полудам.

Ако наскоро не се разбудам среде ноќ за да каснам некоја коцка чоколадо и не легнам повторно крај тебе. Ако наскоро не напишам песна, песна која не се чита, која не се кажува, ниту се пее, туку се шепоти со срцето. Онаа на која само ти ѝ ја погаѓаш интонацијата. Навистина ќе полудам.

Не сме први. Не сме први кои мора да бидат разделени. Ниту сме први кои забораваат да бидат заедно и тогаш кога заедно се. Ниту  сме први кои ќе речат дека ќе одат некаде, а потоа ќе заспијаат на креветот гледајќи филм. Ниту сме први кои се расправале за ситници, за нешто без врска.

Ама ти си единствениот кој прави срцево да ми чука како лудо.

Ако не те гушнам наскоро ќе полудам. Навистина ќе полудам. А кога ќе те гушнам ќе биде тоа толку топла прегратка од што коските ќе ти изгорат.

Лина Димоска

Напишете коментар