Следам, гледам, слушам и читам што се случува во земјава овие неколку денови наназад. Дали е само едно дежа-ву на ланскиот почеток на годината? Како и да гледаме на последните случувања сигурно не е нешто на кое човек може да биде горд.
Прво со потресната исповед на глумицата во Србија која била силувана од професорот по глума, потоа другите девојки што ѝ се придружија со сведочењата и изјавите. Потоа старо-новиот случај “Јавна соба“ кој требаше да биде решен и затворен.
Деновиве актуелно е видеото на една девојка која јавно проговори на Инстаграм за злоупотребата на нејзина фотографија која била објавена во групата на Телеграм. Прикажана беше фотографијата, а над неа текст со нејзин телефонски број. Нема да навлегувам во содржината на текстот меѓутоа секое јавно објавување на туѓа фотографија без дозвола од личноста е казниво со закон.
Скандали, храброст и јавно говорење
Скандалите што избија лани со споделување “срамни“ фотографии со содржина во групата како и видеа пред некој ден добија реприза. Но изгледа сега со конечна развршница бидејќи групата конечно е затворена. Покрај храбрата девојка која јавно проговори за злоупотребата, покрај неа и други девојки посведочија што се случувало откако нивен телефонски број бил прикажан таму.
Некако се испреплетија темите, иако можеби не се поврзани конкретно, сепак во двата случаи се работи за злоупотреба. Силуваните девојки собрале храброст за да проговорат меѓутоа доживеаните трауми ќе ги носат со себе. Недоличните коментари од одредена група луѓе кои коментираат дека девојките “си го барале“ или “предизвикувале“ или што ли уште не никогаш нема да го оправдаат сторениот чин. Ниту пак злосторникот изгледа помалку виновен во туѓите очи.
Сите оние што мислат дека било која жена/девојка заслужува да биде силувана нека помислат дека тие самите имаат ќерка и како би им било да дознаат дека некој ѝ го направил тоа. Ова е дури и банален пример што можев да го искористам за да се погледне на “проблемот“ од поинаков агол. Искрено се надевам дека ретко кој мисли дека силувањето е нормална работа и дека треба да биде поддржано. А тие што го оправдуваат и го поддржуваат преку омаловажување на жртвите и нивно криткување на некој начин го одобруваат.
Како влијае (сексуалната) злоупотреба?
Мора да се спомне дека жрвти на силување можат да бидат и момчињата, не само девојчиња и жени. Чинот како таков влијае многу негативно врз емоционалната состојба на жртвата како и на самодовербата, сликата за себе што поединецот ја има итн. Тука би направила една мала паралела со злоупотреба на фотографии со “срамна“ содржина и самиот чин на недозволен сексуален акт. Споредбата е во последиците кои ги носи самата злоупотреба.
Жртвата на сексуално насилство или на злоупотреба на лични податоци може на почеток и да не сака да го признае тоа што го претрпела поради неколку причини. Најчесто од срам, несигурност и срам за соочување со блиските и со пријателите, страв дека ќе биде осудувана, стрес од претрпената траума. Потоа се појавуваат мислите дали некој ќа ја поддржи, дали ќе може некој да ѝ помогне, дали вреди да се каже истото, кому да се довери и слично. Па како тоа понатаму ќе влијае врз нејзините релации и односи во иднина.
Кога станува збор за јавното гледање на нејзините слики жртвата може да се повлече, да ги прекине сите контакти, да не сака да учествува на различни настани. Едноставно на некој начин станува анксиозна и се повлекува и од социјалните мрежи. Од страв дека ќе биде препознавана или можеби исмејувана или ќе ѝ бидат упатувани недолични коментари.
Оваа е малку пошироката слика од онаа “постирале фотографија без нејзина дозвола и ги затвориле одговорните за групата“ или „Шокантна изјава – девојка била силувана и јавно проговорила за тоа“. Зад “изјавата и храброто говорење“ постои многу колебање, размислување, прифаќање на вистината како таква, надминување на ситуацијата, соочување со неа, па дури потоа раскажување.
Слободата на говорот не смее да се искористува
Сите сме сведоци во какво време живееме, како луѓето преку тастатура и позади екраните се силни. Силни се и преку лажните профили да коментираат и да осудуваат чиниш се експерти на зададена тема. Во периодот кога “слободата на говорот“ почнува да се злоупотребува, ситуацијата може лесно да ескалира. Како и да е, на жртвите не им се потребни осуди или нечии критки.
Ним им треба поддршка, а ако не може да се пружи преку коментар (тоа е единствено што би можело да се понуди онлајн) тогаш нема потреба да се “одмага“ со непотребни коментари. Не, нема да изгледате силни или јаки во туѓите очи ако имате дрски реплики. Токму спротивно, изгледа како ги поддржувате оние што го сториле делото. Ваквите случки можеби нема преку ноќ да исчезнат, но барем да им се намали бројот.
Изјавувам јавна поддршка за сите девојки и жени кои биле жртви на било каква злоупотреба. Вие НЕ СТЕ САМИ. Не само што во светот и кај нас има многумина на коишто им се случило истото, туку има и луѓе кои ви ја разбираат болката. Луѓе кои сочувствуваат со ситуацијата во која сте се нашле иако тие самите не биле жртви.
За крај, ако немате во блиска околина луѓе што ќе ве поддржат, секогаш постои опција да посетите психолог или психотерапевт кој полесно ќе ви помогне за надминување на траумата и свесно соочување со истата. Вие сте посилни од она што сте го доживеале, вие сте повеќе од вашите проблеми, вие не сте вашите проблеми. Туку наоѓате начин да ги решите и да го продолжите својот живот посилни и помудри.
Наталија Наумовска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.