А јас ќе полудам. Ќе полудам ако наскоро не те сретнам или ако наскоро не те избркам од животов. Еј, ти! Ти со ѕвезди во очите. Со магија во прстите. Пристуството твое толку многу ме излудува, што не можам да го поднесам. Па бегам. Бегам како дива срна од тебе за погледите да не ни се сретнат оти знам дека зависна од погледот твој ќе станам, ако очите уште не сум ти ги видела.
– Не си како другите. Различна си. – ми рече еднаш. А јас од секогаш знам дека сум различна. Различен си и ти. Оти во мене го виде она што другите не го видоа. А јас, како наивна тинејџерка ти ги отворив вратите од душава. Низ лавиринтите те прошетав. И без да те видам. И без да те допрам. И без да знаам дека воопшто постоиш. Јас сум се навлекла на тебе уште пред воопшто да бидам свесна за твоето постоење. Сум се навлекла на тебе уште пред да се родам. Не на некој како тебе, туку на тебе сум се навлекла.
Некои велат дека спротивностите се привлекуваат. А јас пак мислам дека не се во право. Со десетици спротивни на мене сум била. Па ниту ме привлекле. Ниту нешто во очите нивни сум видела нешто. Ниту од нивниот допир ме лазеле морници по кожава ко од твојот што ќе ме лазат. Ниту во лавиринтите од душава сум ги пуштила. Оти не знаеле со зборови да ме освојат. Да, со зборови. Не со бакнежи или преграти оти душата со збор се освојува.
Еве нè. Растеме. Созреваме. А пак не можеме да си објасниме оти некои луѓе не ги сакаме и без збор да размениме со нив. Не сакаме ни да им се доближиме. А само ги гледаме. Само чекорат крај нас. Растеме. Созреваме. А пак не можеме да си објасниме оти некои луѓе како со магнет нè влечат кон себе. А не ги познаваме. Туѓи ни се. А наши се. Наши се оти имаат исти очи како нашите.
Така мојава душа твојата ја одбрала. Уште пред да ја сретне. Уште пред да знае дека постои. Твојата. Не некоја друга. Оти исти се. Едвај чекаат да се судрат. Едвај чекаат нови универзуми да создадат. За нив. За мене. За тебе. Еј, ти! Со ѕвезди во очите темни. Со магија во прстите. Тебе, кој уште не сум те сретнала, а знам дека те знам. Кога ќе те сретнам ќе те бакнам толку силно за карминот мој од усните да не можеш да си го избришеш.
Лина Димоска
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.