Вашиот глас Литература Проза

Улицата што ме израсна – Фросина Милковска

Моќта на мислите неуморни, постојано во трка со времето, на повеќе места во исто време. Патување низ минатото, иднината, поистоветување со сегашноста….Одвиткување спомени, свиткани во најтемните агли низ ходниците на умот. Растрчани, насекаде, вплетени во мир и немир, измешани со реалност и имагинација… Мистерија,со чувство на носталгија. Недостиг на она што било и страв од она што иде…

Се сеќавам, на една улица. Улица на безгрижноста, која ме порасна. Сите порти ширум отворени, мајки со престилки, наоружани со насмевки, чинии со вкусни колачиња, мирис на топол, печен леб…Детски џагор, брканица, велосипеди…долги муабети, седенки на огради изѕидани, емисии во живо и што ли уште не. Од рани утра, до касни зајдисонца…Немаше часовници, крајот го означуваа топлите мајчини гласови кои нè потсетуваа дека веќе е стемнето.

Несетено минуваа деновите, растевме, пораснавме. Секој тргна по својот пат носејќи го светлиот спомен на едно убаво време. Сочуван од заборав да нè топли во студените зимски денови што животот ни ги носи… Мојата улица денес не е иста… Поплочена со некоја тага, намокрена од сивилото на некое ново време… Портите ,затворени,осамени…Насмевките мајчини исчезнале…

Остарени лица,седи коси од грижи наметнати се скриле зад вратите. Молк наоколу. Кротко газам, не ја препознавам оваа улица…Мојата улица беше поинаква.. Деновите мирисаа на среќа, безгрижност, сплотеност….

Фросина Милковска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје