Никоја така не ме сакаше.
И кога мислите ги фрлав под чергава ладна,
таа топлина киснеше на срцево
како слепо чоше во кој единствен излез,
беше занесениот поглед преку стаклото,
намовнат од нашето издишување на очекуваното
и издишеното од недоживеаното.
Бевме ние книга без корица,
со непозната година на печатење,
заборавена во библиотеката на љубовта,
непрочитана,
а библија бевме во содржината.
Ти беше лист, а јас твоите две страници.
Ти беше реченица, а јас твоите зборови.
Ти беше песнава, а јас насловот.
Ние бевме идеални,
содржина-пар екселанс.
Никоја така не ме сакаше,
како мојата книга,
во твоите раце.
Виктор Кадинец
