Знам дека ме чекаш некаде. Можеби ги гледаш капките дожд како паѓаат и си ја чувствуваш надежта како полека ти трепери во градите. Трепери како да ќе згасне.
Немој. Не се откажувај, доаѓам. Тежок ми е малку патот, трнлив, каллив. Со секој чекор пропаѓам и со секој следен сѐ посилно и посилно газам. Одлучна сум да стигнам. Одлучна сум да ти дојдам.
Не се откажувај љубов моја. Уште во корен не ме познаваш. Не се предавам лесно, се борам до последно. Доаѓам ама малку споро. Ми треба време за да ги срушам сите мостови зад мене, за да го запалам селото и со тоа светло да ја осветлам црната шума низ која треба да поминам.
Не се откажувај од мене ѕвездо. Свети ми на небото. Покажи ми го патот. Дај ми сила од душата па свиена со мојата да го преврти светот. Не се секирај. И да си на другиот крај на светот, и да си измеѓу други светови, ќе се најдат за премин начини, ќе се спојат две души ако се судени.
Не се откажувај од мене љубов моја, има време, има и други животи.
Не се откажувај од мене љубов моја. Доаѓам. Чекај ме. Каде и да си, ќе те најдам.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.