Од неодамна во рубриката „Интервју со“ имавме можност да поразговараме со младата авторка Симона Николова. Денес повторно зборувавме, но овојпат подетално околу нејзиниот роман насловен „Бура од емоции: Дневнкот на Ана Фостер“. Прочитајте го краткиот разговор во продолжение и дознајте малку повеќе за овој нејзин прв роман, прв дел од трилогијата.
Ние прашувавме, Симона одговараше, прочитајте!
Најпрво сакаме да зборуваме за почетоците, која беше првичната и главна инспирација за Симона да ја навезе приказната за главната хероина Ана?
– Привичната и главната инспирацијата за да го напишам моето првенче, токму овој роман, беше инсистирањето на мојот долгогодишен пријател од Мексико, за кој зборував претходно. Тој едноставно сакаше луѓето од светот да ме запознаат, а истовремено да бидам дел од конкурсот на Амазон.
Која е главната тема во романот, што се обработува во него?
– Ана е осудена на дваесет годишна казна затвор во женскиот затвор во Севилја, Шпанија за убиство кое го сторила со намера да ја одмазди смртта на нејзиниот сакан Алекс кој бил жртва на човекот што Ана го убила со остар предмет. Од својата ќелија ги раскажува своите успеси и своите падежи на парче хартија во својот дневник.
Нè интересира околу градењето ликови, дали можеби за ликовите постои инспирација од вистински ликови што се во твое опкружување или такви кои сите ги среќаваме секојдневно?
– Не, нема вистински ликови, сè е фикција и испирирани се од мојата фантазија и имагинација, освен ликот на главната хероина Ана Фостер ја креирав според себе. И двете сме сигурни во себе, амбициозни, горди, сериозни во својата работа и способни на сè за своите сакани.
Запознаени сме дека романот е пишуван во вид на дневник. Нè интересира зошто токму тој наслов: „Бура од емоции“? Дали читателот може да очекува бура од сопствените емоции или повеќе се однесува на емоциите од судбината на самите ликови или сè испреплетено?
– Во романот ќе ги запознаете емоциите, сите чувства на повеќето ликови. Мешавина од љубов, омраза, гнев, тага и очај и токму тие доведуваат до една бура. И баш таа мешавина на чувства ќе ја натераат главната хероина да донесе погрешна одлука: Одмазда. Да го одговорам другото прашање дали читателот може да очекува бура од сопствените емоции, искрено не знам бидејќи секој читател различно ја доживува приказната од книгата и ужива во неа.
Која читателска група е погодна за овој роман? Кој сè треба и може да го чита?
– Јас би рекла дека не е за деца и не баш дека содржи еротски сцени, туку дека има убиства.
Од каде ја црпеше мотивацијата за да ја напишеш книгата, колку време ти беше потребно за да ја имаш финалната верзија?
– Мотивирана сум секогаш и во оваа прилика мотив ми беше конкурсот на Амазон, па ја напишав за два ипол месеци.
Дали постои превод на англиски од истата, ако постои кој го правеше?
– Да, постои англиска верзија на платаформата на Амазон која ја преведе професионален преведувач.
Каква е реакцијата на читателите што го прочитале романот?
– Имав малкумина читатели со негативни реакции барајќи повеќе опис и други се пожалија дека има повторување на сцени што многу нормално кај овој тип на романи. Реакцијата на повеќето читатели е позитивна и ја доживеаа приказната. Сепак, има различен тип на читатели и читаат книги по свој вкус. Не планирам да допрам до секој.
Зошто „Бура од емоции: Дневникот на Ана Фостер“ треба да биде ставен на листата на книги за читање?
– Според мене, а и според некои мои читатели е затоа што има прекрасна приказна. За тоа на што сè е спремна една жена која вистински го љуби својот партнер, својот сакан и да го заштити своето семејство кога е во опасност.
Каде може да се купи овој роман, како читателот може да стигне до него?
Овој роман засега го имам само јас и секој кој сака да го купи и прочита слободно може да ме исконтактира на мојот фејсбук профил или страна. Јас ќе се погрижам да ја доставам низ другите градови, не само во Скопје.
Овој роман е првиот од мојата трилогија. Запознајте го животот на Ана Фостер, германската позната виолинистка.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.