Литература Проза Расказ

Сите мои маски

Вчера ми дојде една чудна мисла на ум. Помислив дека дошло време да си ја исечам косата. Дури и бојата да ја сменам. Да ставам некоја светла и силна боја бидејќи темните бои најверојатно ми здодеале. Потоа се сетив на нешто што го прочитав многу одамна. „Жените посакуваат да си ја скратат косата кога сакаат да си го сменат животот.“ Зарем толку посакував да си го сменам јас животот мој? Зарем толку многу посакував да си избегам од кожава?

Некогаш посакувам да ги искршам сите огледала околу мене. Сите. Да не остане ништо. Заедно со огледалата да се искршат сите мои лажни лица, сите лажни мисли, сите лажни надежи. Ако лажни мисли и надежи воопшто постојат. Дури и тебе би те скршила, да можев. За ни во тебе да не се огледам. Ни во очите твој.

Посакувам да ги искршам сите огледала. А потоа да дојдам и да седнам пред тебе. Сè да ти признаам. Да ти признаам без да се плашам од последиците. Да ти признаам без да размислувам на грижите. Без да размислам дали ќе повредам некој друг, а не себеси. Знам дека ќе разбереш сè, дури и ако не кажам ништо. Од очи ќе ми прочиташ. Ќе почувствуваш. Но, попусто. Јас не се ни обидувам.

Како што шминката моја се мие од лицево, посакувам да си ги измијам сите гревови. Дури и сите мигови во кои помислувам на тебе. Оти ти си мојот единствен грев. Како што шминката моја се мие од лицево, посакувам да си ги измијам сите маски. Сите лажни насмевки. Насмеаните очи. Дупчињата од образите. Солзите. Страдањата. Посакувам да можам да измиев сè од душава. Да си ја исчистев. Да си ја направев чиста како солза.

Ама душата не се мие. Само со солзи се плакне. И пак сè е тука во неа. Оти собирала таа. Ги собрала сите копнежи, сите насмевки, секоја лажна надеж, секое парче тага. Им станала роб на маските кои не можам да ги скршам како што се кршат огледалата. Ако ги скршам, душава ќе ми се исече. Ќе крвари. Не знам дали ќе можам да ја спасам.

Ете затоа ми е подобро да ја затрујам со маски. Нека се надева лажно. Нека мисли дека е среќна. Нека се радува дури и на ронката слобода што некогаш ѝ ја давам во мислите. Оти премногу е суров светот за неа, па не сакам да ја пуштам без маска. Не сакам да ѝ го видат лицето.

И нека не помислува веќе дека сака да смени нешто. И јас веќе нема помислам дека сакам да си ја исечам косата. Нека не се ни обидува да ги скрши околу себе огледалата. Нека ја гледа маската своја. Нека ја гледа лажната јас и нека биде барем грам среќна. Нека биде барем грам задоволна. Ако грамот е единица мерка за среќата и задоволството, а не насмевките и воздишките.

Лина Димоска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје