Перцепција на љубовта – Силвана Панева

Имам доволно години и оддамна сум свесна дека ништо и никој не трае вечно. Некои драги луѓе нè напуштаат, за да заминат во вечноста. Иако дел од нив веќе физички заминале, сеќавањата кои ги носам за нив, ќе траат сè додека постојам и јас.

Едно сеќавање што со денови не ми излегува од глава, а се однесува за моите баба и дедо сакам да го споделам со вас.

Во мислите се враќам многу години наназад, кога не бев ниту девојка, ниту дете. Тогаш зимскиот распуст го поминував кај моите баба и дедо кои живееја на село. Многу живо се сеќавам на студените зими и нивните топли очи кои со радост ме пречекуваа. Печката на дрва деноноќно ја ложеа и се обидуваа на секој начин да ми угодат и да се чувствувам како дома. Дедо ми беше исклучително висок, смирен и достоиствен човек. Не знаеше да чита, единствено умееше да си го напише името и презимето, не му дозволиле да учи и да се образува. Требало уште од мал да се грижи за говедата, истото го работеше на стари години, со несмалена посветеност. Баба ми беше приказна за себе, малечка по раст, како навиена зборуваше а во исто време рацете и работеа. За многу кратко време подготвуваше пити, зелници и баници, во слободно време предеше волна и плетеше чорапи.

Една студена зимска вечер, дедо ми дојде и со радост сподели убава вест, дека омилената крава се отелила. Не дојде да легне и одмори, туку да вечера, малку да се згрее и да замине во шталата. Рече дека цела ноќ ќе остане да се грижи за кравата и телето. Баба ми со задоволство рипна, откако ја постави софрата и вечерата, со посебна благост гледаше во сините очи на својот маж.

Понесена од целата ситуација и во склад на мојата возраст како од пушка го прашав дедо ми:

– Дедо, дали некогаш си ѝ кажал на баба дека многу ја сакаш?

Се сеќавам како да му застане кнедла на грлото. Кажа неколку неврзани зборови, не се дојаде и како да го гонат излезе од топлата соба. Побара, да му го донесам крзнениот елек и замина без да ми одговори на прашањето. Со чудење ја прашав баба ми што се случи, и зошто како попарен замина и не ми одговори на прашање? “Таков е тој мила, се срамува. Не сака да зборува за своите чувства “ – кажа таа.

– Зарем после толку години заеднички живот, четири деца и девет внуци е срамно да каже дeкa те сака? – со неверување се чудев и го сакав одговорот од неа.

“Никогаш не ми кажал дека ме сака, ниту во младоста ниту на овие години. Ние се срамуваме да си кажуваме толку големи зборови. Кога бевме млади се трудевме на децата да им обезбедиме обувки, да имаат доволно за храна и да ги пратиме сите на школување. Никогаш не го повиши тонот на мене, кога ќе ме видеше мртва уморна од секојдневните обврски, ќе ме натераше да седнам и да одморам. Кога ќе заминеше на пазар ми купуваше ленени кошули и елек, и да, секогаш ми носеше од омилениот локум со ореви.

Ме знаеш, ти мене! Брзоплета сум, знаев да му подвикнам во младоста, тој никогаш не ми врати со лош збор. Не знам дали ова што ти го кажувам било љубов, ама штотуку ти ја кажав вистината за нашиот живот “ – ми кажа баба ми. Oд очите, иако се обидуваше да ги сокрие, ѝ се тркалаа солзи. Мислам дека беа солзи – радосници!

Тогаш мислев дека не била доволно сакана, штом никогаш не ѝ изразил љубов. На моменти ја жалев баба ми, иако никогаш не се пожали од него.

За миг, повторно се вратив во сегашниот момент. Сакам да направам споредба од тогаш и сега. Затоа на компјутер ги отварам модерните портали кои изобилуваат со отворено изјавување на љубов. Денес, воопшто не е проблем младите да си искажуваат љубов еден на друг. Секојдневно сме преплавени од љубовни цитати што ги споделуваат јавно на своите профили. Убаво е тоа, само ме чуди брзината со која се разделуваат, по само една кавга или евентуален проблем?! Човек не може, а да не се запраша:

– Каде отиде големата љубов, тие големи зборови и ветувања?

Не сакам никому да судам, сепак младите очекуваат секогаш да им тече мед и млеко, а откако ќе помине занесот, треба да научат освен сопружници, да бидат најдобри пријатели. Од животните неприлики да ги научат најдобрите лекции и да останат заедно во добро и во зло.

Моите баба и дедо одамна не се помеѓу живите, но кога ќе погледнам во небото, ми се иде на глас да ѝ викнам на баба ми:

– Можеби никогаш не ти кажал, но сега знам дека дедо ми многу те сакал. Таа љубов не била од уста кажана, но била, од срце доживеана. Ти си била многу среќна жена! Верувај ми бабо!

Силвана Панева

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?