Skip to content

Доаѓам – А. Лефкоска

Собата е студена и мрачна. Мирисот на изгорениот јаглен и запалените спомени сѐ уште виси во воздухот. Ми го опкружува духот што од ден на ден, малку по малку губи од својата светлина. Веќе не се плашам од темнина. Не. Го прегрнувам мракот ко да ми е брат по крв и танцувам со демонот што од самото раѓање, можеби и од самото создавање на душата тивко, тивко ми шепоти на увото. Не ми ветува среќен крај ниту па бескрајна светлина, додека танцуваме низ запалената просторија демонот што ми живее во главава ми ја кажува реалноста.

“Чувствуваш ли Ана, како полека во тебе умира светлината?” “Мхм.” изговарам. На сред танц со ноктите, прецизно му го сечам образот. “Никој не рече дека можеш да водиш, јасно?” Паѓа на колена. “Јасно.”
Не сум веќе во собата. Газам на некоја си чудна калдрма. Стигам на раскрсница. Ѓаволот го нема, само јас сум тука, со мојот црн капут, црни чизми доколеници и мисли измешани.

“Чувствуваш ли Ана како љубовта во тебе умира?”. “Мхм.” Одговорив. И нависитна чувствував отсуство на себеси. Демонот се потпираше на патерица. Му ја зедов и со сардонична насмевка, со сета сила со патерицата си ја искршив душата замрзната. Ми олесни. Немаше веќе чувства. Немаше тегоби, немаше светлина и соништа. Останаа само празни да зјаат неискажаните приказни. Демонот ко да ми ги читаше мислите… Па и најверојатно ги читаше ме допре по рамото. “Не допирај ме проклетијо!” се развикав. “Никој веќе нека не ме допира! Нема човек тука. Нема смртник тука. Не сум ти јас Фаустус! Прибери си ги канџите и слатките зборови пред да те изгорам!” Демонот се стутка.

Поминуваа многу луѓе на раскрсницата. Пејачи, поети, артисти, писатели. Проклети очајни души. На крајот од вечерта за парче талент сите ќе бидат мои. Се засмеав. Чекај, зошто го помислив тоа? Не е битно. Чекај зошто не сум дома? Не е битно. Чекај, кога си го изгубив патот па почнав да газам по трња? Не е битно. Чекај, зошто не чувствувам болка? Не е битно. Чекај, каде ми ја снема ѕвездата? Не е битно.

“Мефастофалис?” изговорив тивко, здивот ми излета во кругчиња во воздухот ама јас не чувствував студенило.
“Молам газдарице?” Се јави демонот до мене.
“Кога јас се сменив?” прашав.
“Постепено газдарице. Мрачниот не е еден и штом едно срце се зацели, а друго се скрши круната се предава. Сега е твоја. Барем на неколку векови.” промрморе.

” Мхм. Мефастофалис? ”
” Молам газдарице?”
Молчев. Долго време молчев. Сакав ли ова да си го направам себеси? Да станам токму она против кое досега се борев. Издишав. Не ми преостана ништо друго. Љубов веќе нема. Не знам веќе ни дали сакам да ја има. Душата…? Па зошто да имам една кога можам илјада? Можеби… Можеби ќе успеат да ја пополнат таа празнина барем сѐ додека некој не се помоли за мене.

Но, кој ќе се моли за мене? Кој во овие 21 века ќе има доволно човечност во себе да се помоли за онаа грешна на која му треба најмногу? Тоа останува да видиме.
” Кажи им да ги отворат вратите на пеколот и стоплат тронот, последен е мој зборот ко и пеколот. Личен.Чекајте ме, се будам. Низ препреки проаѓам. Чекајте ме – доаѓам.”

Од “Дневникот на една будала” 

Напишете коментар