Литература Проза Расказ

Само ти

Сончевице зраци го пробиваат темното платно од завесата и ме удираат директно в очи. Како сонцето да сака очите да ми ги ископа. А јас не гледам. Или не сакам да видам. Полека ги отворам очните капаци, кои ми тежат над очите. Да можев да дремнам барем уште некоја минута. Секое утро се будам со таква мисла. Зарем никогаш нема доволно да се наспијам и со силна волја да го зграпчам денот? Или проблемот не е во спиењето, туку во нешто друго?

Погледнувам до човекот кој спиел цела ноќ до мене. Тој всушност секоја ноќ спие крај мене. Некогаш цврсто ме прегрнува. Верува дека сум негова. Верува дека и тој е мој. Ама греши. Јас ни своја не сум веќе. Туку туѓа. Толку сум си туѓа и себе и нему, што само твоето присуство би ме вратило на себеси. Неговата прегратка е ладна. Не затоа што тој не сака да ме згрее, туку затоа што јас топлина не чувствувам. Неговите допири се млаки. Ни морници не ми ја лазат кожава. И не, не затоа што тој е млак, туку јас сум студена. Мраз студена ми е душава. Камен ми е сторено срцево. И само чека. Чека погледот твој да го здроби. Допирот твој да ме стопли.

Што направив јас? Се замрзнав. Се скаменив. Ова не сум јас, студена кралица во замокот кој сама си го соѕида. Јас бев една од оние птици кои пеат доцна во летните ноќи, а ти толку многу сакаше да ги слушаш. Јас бев мирисот на липите кој ветерот го носеше до твојот двор, за само ти да го почувстуваш. Јас бев мелодијата која ти одѕвонуваше во ушите секое утро, а тебе не ти сметаше тоа што те будам. Ниту јас не сакав ни миг повеќе да спијам кога се будев крај тебе. Јас бев ноќна ѕвезда која ти го осветлуваше патот. Бев сончева светлина, која кожата ти ја шараше со пеги.

Ама што сторив? Избегав. Се сокрив. Се плашев. Се плашив оти се во врска со тебе беше премногу добро за да биде вистинито. Се плашев да бидам толку среќна. Се плашев толку силно да чувстувам. Се плашев од топлината која ми ја грееше душава. Се плашев дека ќе ме изгориш. Се плашев од тебе. Бегав од тебе. Ама не знаев дека така и од себе ќе избегам. А сакам да се вратам кај тебе. Сакам да се вратам и кај себе. Ќе дојдеш ли ти со мене? Ќе ме фатиш пак за рака? Ќе ме љубиш ли? Не сакам веќе да бидам птица во кафез. Ќе ме ослободиш ли?

Можеби е веќе предоцна. Можеби  јас само лажно се надевам. Си ја хранам душава со лажни насмевки. Со лажна надеж. А што е лагата, ако не е храна за душата? Што е молкот, ако не е спокој за душата? Немир можеби. Ќе дојдеш ли? Или закогаш сум те изгубила? Што ако не дојдеш? Што ако веќе те нема? Што ако и ти си се изгубил во лажниот свет, како мене? Што ако и ти веќе не постоиш? Ама јас знам. Знам дека на крајот ќе се најдеме. Ќе се најдеме за да се споиме и одново да се создадеме. Ние мора да се најдеме. Сродниите души секогаш се наоѓаат. А ти токму тоа ми си. Сродна душа. Близнак душа. Само тоа и ништо повеќе. Затоа само ти си ми доволен. Само ти.

Лина Димоска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје