Skip to content

Убавината на едноставноста – Софија Петковска

  • by

Сакам височините да ги допрам,

да се искачам на највисокиот планински врв,

остар ветер низ вениве да ми проструи,

здивот да ми застане,

душа да ми освежи.

Сакам небото да го прегрнам,

ко златен сокол да се сторам,

слободата да ја почувствувам,

со авион да полетам,

некаде

далеку,

далеку,

облаците да ги бакнам.

Сакам покрај шините да застанам,

булки црвени да си наберам,

од мирисот да се опијам,

на воз да се качам,

бавно,

бавно

да се возам,

очиве убавини за цел живот да се нагледаат,

погледот мој- разгледница.

Сакам да препливам

океани и мориња,

на брод да запловам,

градиве морска сол да ги напојам,

сонцето да ме милува,

галеби песни на уво да ми пеат,

хоризонтот да ме повикува.

Сакам низ шумски патеки да прошетам,

низ дрвјата да навлезам,

онаму каде тишината е најдлабока,

онаму каде душата одново се раѓа.

Сакам во некое селце да наминам,

мирис на сено и добиток

сетилава да ми ги изостри,

пита на дрва печена и биено сирење да пробам,

душа на место да дојде,

оти пукнал мерак за месено.

Сакам по песокот влажен срце да нацртам,

и стапалки зад себеси да оставам,

морски плодови една полна чинија да изедам,

нека се и само школки во сос бузара,

не е важно,

и на плажата цел ден да останам,

зајдисонцето да го пречекам.

Едноставност.

Ја љубам едноставноста.

Многу ли барам?

Софија Петковска

Напишете коментар