Голата вистина за сите што пишуваат за љубовта

Иако насловот го ставив во множина, во оваа колумна ќе зборувам во прво лице. Искажувајќи го својот став во надеж дека читателот ќе го прочита текстот до самиот крај.

Го сакам пишувањето. Кога би пишувала за пишување би можела да се заборавам и истото да го правам подолго време без прекин. Зошто? Бидејќи го обожавам процесот на давање облик на сопствените мисли. Всушност, вљубена сум во пишувањето уште откако научив да пишувам. Уште од најрана возраст знаев што ќе правам подоцна во животот. Знаев дека хартијата и пенкалото ќе се мојот најдобар пријател. Беа и си останаа мое прибежиште, еден вид олеснување и “собирање“ на своите мисли и емоции.

Не за џабе рекле дека хартијата трпи сè и тоа е жива вистина. Не можеме да го порекнеме ова. Своите размисли знам да ги запишам и во дневник кој го пишувам рачно. Баш “олдскул“ начин на хабитуирање, признавам. Но за среќа познавам и други кои го практикуваат истото. Рачното пишување не може да се замени со никава тастатура или уред на допир.

Која е голата вистина што е скриена во насловот?

Едноставно што и да напишеш луѓето ќе го поврзуваат тоа со тебе. Без оглед за што и да е напишаното. Ќе ги интересира дали пишуваш од сопствено искуство или е плод на твојата фантазија. Но нема секогаш да те прашаат. Ако имаш поставено граници, нема никој да се осмели да праша дали тоа што го прочитал/а е вистинита случка од твојот живот. А некогаш баш сакаш оној за кого е наменета песната да ти пише дека се пронашол, дека се чита меѓу редовите.

Но тука има една важно нешто. Пишаниот текст е за сите, во секоја песна и во секој расказ можат да се пронајдат многумина. Тоа е убавината на пишаниот збор, во никој случај не е маана. Без оглед на полот кому се обраќам или лицето во кое е напишано, јас пишувам за секој од нас, за животот, за случките во него (измислени, некогаш и доживеани, но видоизменети).

Зошто е тешко да се пишува за љубов?

Да расчистиме – не им е на сите тешко да пишуваат за љубовта. Го пишувам ова токму во пресрет на Св. Трифун и Св. Валентин и сфаќам дека темата љубов е неисцрпна. Меѓутоа секогаш ми предизвикува тешкотии бидејќи го надраснав периодот кога мојата поезија или проза се граничеше со романтичарска “патетичност“.

Со текот на годините оваа тема ми станува потешка за споделување, не дека не можам да ја обработувам туку потешко наоѓам желба да го споделам напишаното. Секогаш постојат исклучоци, па затоа повеќе не си верувам себеси кога ќе речам “за тоа и тоа повеќе нема да пишуам“. Во статијата што ќе ја линкувам, девoјката пишува како е опседната со пишување во нејзината тетратка, пишувајќи и во 2 наутро во белешките во апликацијата од телефонот. И мене ми се има многупати случувано истото. Тоа е најверојатно заедничката судбина што ја делат поетите, авторите (писателите), да не можат да заспијат сè додека не ја пренесат мислата на безбедно. Некаде каде што нема да биде заборавена.

Што пишува авторката друго?

Таа пишува и како луѓето стануваат чувствителни мислејќи дека пишаниот текст се однесува на нив. Пишува дека писателот најверојатно пишува за љубовта толку многу бидејќи таа истата му недостига. Вели дека луѓето ја претвораат работата на писателот како огромна рубикова коцка обидувајќи да дешифрираат која реченица за што се однесува и за кого таа книга била напишана. Исто како кога Тејлор Свифт ќе објави нова песна па медиумите потенцираат на текстот, прашувајќи се за кого е песната и текстот од баладата.

Со неа не се согласувам во делот дека писателот пишува за љубов само кога му недостига. Тој може да пишува во секое време за што и да посака, ако има желба.

Целосно се согласувам со моментот кога напишала дека не може да напише две или три статии на ден кои се целосно базирани на нејзиниот живот. И дека емоциите кои ги напишала не мора секогаш да ги чувствува истите во дадениот момент. Честопати ми се случува да пишувам во тотална спротивност со своето расположение или чувства. Точно е дека не сè што ќе напишеме се однесува на момчето со кое ќе бидеме следно или дека пишаното е за поранешното момче или поранешната на бившиот.

Заклучок со обраќање во множина

Ако мислите дека нешто пишувам за вас, во право сте. Ако се пронајдете, не е моја вина. Тоа е животот, не сме имууни на случувањата во него никој од нас. Пишувам за сите, барем во една реченица секој што ќе прочита би можел да се пронајде. До следно!

Колумната е инспирирана од овде.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?