Од сон ме буди,нечие тропање.
Кој е? – тивко прашувам. Љубовта, те молам вдоми ме.
Уште нерасонета, ми текнува, но јас тебе те познавам.
Ти имаш две дланки полни љубов нетрошлива,
секое утро, чаша полна љубов.
На секој агол, како сенка ми се прикрадуваш.
Насекаде ме следиш.
Секој ден во нова облека, завиткана во таинственост.
Нејасна, нечитлива.
Страници полни завети, извинувања, зрнца надеж,
соништа покриени со покривка од копнежи.
Букви навезени низ облаци, бакнежи залепени врз месечината.
Полет кон неизвесноста.
Надеж во безнадежноста.
На следниот агол, дремеше во сосема поинаква облека,
за чиј ѕид имаше пришиено тага облечена во тенка наметка.
Се всели непоканета во секоја моја клетка
секоја педа од болка кога јачеше, и рамената од тага крцкаа
ми помогна, ме исцели со твојата лечебна моќ.
Понатаму спознав една поинаква љубов.
Еден живот кон новиот ден што се подава.
Еден поглед, две очиња прозорци кон светот.
Душата се разбуди, заживеа.
Радоста секој атом го заскокотка.
Граници не постојат, денови искапени во бескраен недостиг.
Неуморна, нескроотлива.
Вплетена во суптилната волшебност на ноќта,
тивко се лулаш во прегратката на спокојот.
Собирајќи капки надеж за утрешнината.
Шепот низ танц од воздишки кон небото праќам.
Љубов, те молам надојди
спаси го светот од бледилото кое му се заканува.
Само ти можеш над рушевините,
да се издигнеш и да победиш.
Коцка по коцка, нов живот да соѕидаш
тетеравејќи се низ калдрмата на животот.
Фросина Милковска