Вашиот глас Есеј Литература

За кого е царството Божјо – СП Апостол

“И донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив, но учениците им забрануваа на оние што ги носеа. Кога го виде тоа Исус, негодуваше и рече: оставете ги децата да приоѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо. Вистина ви велам: кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него. И кога ги прегрна, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше.“   (Марко 10, 13-16)

Дете, колку тоа гордо звучи. Така бидејќи сите патишта водат кон него, сите желби кои си пронашле своја врвица кон исполнувањето. Дете бев, сакав да бидам разгалено во своите посакувања кои ниту крај имаа, ниту граница на квантитетот и можноста да се добијат. Зрел бев, пак сакав да бидам дете без овие обврски, со тогашните мечтаења и ограничената перцепција што е тоа радост. Стар сум, и пак сакам да бидам дете со полни гради неотруен воздух, нозе маратонски незапирливи и сон, лесен, најрозов. Децата се чудо во природата, празна табла, најчиста.

И донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив. Обично до Исус се допираа немоќните, страдалниците со повеќегодишни болести, оние од кои докторите со тогашното ниво на медицински знаења креваа раце. Со самата верба во Него, немаше потреба да ги лекува, доволно им  беше да допрат дел од Неговата облека која ја сметаа за исцелителна. И беше. Но, зошто ги носеа децата, тие чисти и безгрешни душички, на кои им беше простено уште додека беа во утробата?

Учениците им забрануваа, но Исус ги прими, бидејќи на таквите е царството Божјо. Како детето го поима волкот, како насилник кој сака да го изеде јагнето кое му ја поматило водата. Или змијата, како виуличава брзоодница полна со отров наменет за петата на оној кој ќе ја прегазе. Или гревот, како ненамерен испад во услови на загуба на омилената играчка или тест со пониска оцена од очекуваната во семејството.

Но, волкот е лицемер, заткулисен умилкувач кој се приближува со својот смрдлив здив до душата на јагнето, ги користи нејзините материјални бенефити, го оголува до гола кожа, а потоа му ги глода коските до изнемоштеност. Змијата, таа лажливка и коруптивна манипулаторка, новооблична метаморфоза на сатаната, бездушна лигава маса која го направила првиот раздор помеѓу мажот и жената и Повисоко. Гревот, тоа зло со најцрна боја, растено во најдолните пештери и со најгрозните мувли задоено, секогаш гонител кога ќе се заколнеш за добриот пат. Не се виновни децата, кој би можел да ги претпостави овие мрачни обличја.

Кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него. Далеку е рајот и сосема  близу, во зависност од однесувањето. Далеку е таму на небесата, далеку од птиците, од беспилотните летала, дури и од ѕвездите. Блиску е толку многу бидејќи е во нас, помеѓу срцето и душата, во пределот каде се чувствува љубовта. Тоа е местото со универзална тишина испрекината со мелодија на харфи, со мирнотија за која не сонувале ниту најголемите романтичари и во која нема простор за недоразбирање, и со светлина посилна од онаа на сонцето во која слободно може да се гледа со отворени очи, незаслепено со восхит.

Тоа е рајот во кој се општи само со љубов, со зборови извагани со злато прочистено, со дела без ниту една дамка од измама и композиција за прославување со палмини гранчиња без дневен ред. И кога ги прегрна, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше. Затоа ги носеа децата, тие чисти и безгрешни душички, на кои им беше простено уште додека беа во утробата. За да ги прегне и благослови. И јас ќе бидам нареден во колоната за да ја чекам мојата прегратка и благослов. Ќе цупкам со надеж дека ќе го добијам истото како и децата, место во рајот поблиску до престолот. А на него ќе седи Оној кој благословува, Таткото и елитата осветена, за кои би дал десет животи да можам само еден миг да ги видам.

СП Апостол

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје