Лежам сред бескрајните линии на езерската шир, испружен под сончевите зраци кои проаѓаат низ моето тело и внатре во водата до самото дно. Се исправив и ја видов планината, она другото езеро кое допираше угоре високо, кон бескрајното небо. Никој не може да ме дофати. Овде сум недопирлив. Надвор од ловците по души. Никој не може да ме разочара, да ме одвлече по неговата волја, јас сум во рацете на Бога. Сонцето се искачи уште повисоко. Неговиот круг остави светла дамка на камењата, таму долу на плажата. Сè беше повторно исто, а сосема поинакво од утрото, тоа меко сончево утро.
Јас сум никој и ништо, но во осаменоста на езерската шир, јас сум сè. Сите лица во мојот живот го замрачија моето јас кое не беше мое. Гледајќи кон небото, барав едно лице, духовно и чисто, јасно како солза. Лице монументално, свето и смирено. И потоа, ќе најдам место во моето срце да го сокријам од другите, тој скапоцен бисер. За да не плачам и да ми биде утеха во немоќта. Чувствувам дека сè се покорува на тоа лице, дури и карпите под водата му се поклонуваа. Сè одржува и на него сè се крепи. Ако сака може да ја протегне раката и да ме извади од површината на водата.
Од темнината на секојдневното вртење на велосипедското тркало, од кругот на животот и смртта. Или, пак, самиот да станам и да зачекорам по водата ослободен од стравот од потонување следејќи го светлиот зрак. Но, желбата за овој свет ме повлече назад. Желбата за спомените, телесноста, бакнежот на светот, скриеноста на вистината беа нештата кои го придвижуваа мојот велосипед.
Чуму одење по вода, кога можеме цврсто да газиме по земјата, да ја освојуваме и да се сојузиме со нејзините лидери? Би биле славни црковни светци кои довека ќе ни се поклонуваат на олтарите. Би живееле во пагански свет, очи ќе имаме, нема да гледаме, срце ќе имаме, нема да разбираме. Тука и овде, ќе живееме во еден непокајан, безгрижен свет.
Огнен Коцевски