Се уморив више, знаеш?
Доста ми е. Сакам. Сакам многу работи помеѓу нив и да ти идам дома. Да те слушам како тивко читаш, како дишиш додека спиеш. Да те прегрнам и да разберам зошто изгледаше тажно тој полусончев ден кога се узминавме на улица. Сакам многу работи, со тебе ги сакам оние малите, најбитните. Да го слушам тупкањето на лажичето додека го мешаш шеќерот во чајот. Да ти ја познаам тежината штом касно од работа идеш и легнуваш до мене на креветот. Сакам да ми потпевнуваш и да ти читам и рецитирам. Сакам да заспиеме прегрнати, кожа на кожа, па кога ќе се разбудам во три сабајле во полуосветлената соба од месечина да се расплачам од среќа. Од мир. Ама не можам веќе.
Немам сила да ти изигравам сениште. Се повлекувам. Уште ги сакам малите работи ама во нечија туѓа куќа. Со некој што ќе ме види, а не да гледа преку мене. Па што ако читањето се претвори во филм? Што ако дишењето стане тивко хрчење? Што ако има само среќа во очите? Што ако чајот се претвори во кафе? Што ако наместо тивка тежина добијам бакнеж? Што ако нема пеење туку поминување со прсти низ коса? Што ако носиме пижами? Што па ако куќата не е твоја? Што па ако ти не си тука? Што ако те заменам? Ако престанеш да бидеш ѕвезда и станеш обично парче вселенска прашина? Што тогаш? Ќе бидам ли среќна? Ќе бидам. Ќе бидам ако некој ме види. Ако некој ме сака мене само затоа што сум јас – јас, онака како што те сакав тебе. Без инхибиции, без предрасуди, безусловно.
Сакам… Сакам да седам на долга маса и мирно да вечерам со некого. Сакам мир. Сакам… Сакам мир. Со тебе нема вечера. Нема да ми дадеш мир, барем не сега. Време е да го прифатам тоа.
Сакам… Сакам многу работи да запишам. Годиниве што изминаа не се малку. Сакам да ти се заблагодарам што ми го покажа овој пат кон среќата. Нема да те заборавам, само ќе се потрудам да престанам да те величам. Најубавите дела досега излегоа од тебе. За тебе. И доста е. Не можам веќе. Човек сум, а човек долго време не може да издржи како сениште.
Сакам…Сакам да кажам… Па најбитно што сакам да кажам, најрационално, најкратко и безболно е збогум.
Збогум, Отидов да си ја бркам среќата.
Можеби во некој друг живот ќе биде поинаку.
Хххх,
Твојата будала.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.