Фредерик Францишек Шопен (1 март 1810, Желазова Вола – 17 октомври 1849, Париз) е полски композитор за пијано од добата на романтизмот. Се смета за еден од најголемите композитори за пијано на сите времиња.
Роден е во селото Желазова Вола во Варшавското војводство. Мајка му била Полјачка, а татко му француски иселеник. Во татковината го сметале за чудо од дете, но тој ја напуштил Полска на 20-годишна возраст и никогаш повеќе не се вратил. Подоцна во Париз создал кариера како изведувач, учител и композитор и ја прифатил француската варијанта на неговото име „Фредерик-Франсоа“.
Од 1837 до 1847 година бил во бурна врска со француската писателка Жорж Санд. Секогаш бил со нежно и нарушено здравје, па на 39-годишна возраст се разболел од туберкулоза.
Делата на Шопен
Сите Шопенови дела се за пијано (претежно соло) и се смета дека тие му припаѓаат на врвот на репертоарот за пијано. Иако неговата музика се смета за мошне тешка за свирење, неговиот стил дава нагласок на нијанси и експресивна длабочина, а не само на техничката виртуозност. Тој има измислено некои музички форми како баладата на пример. Но неговите најзначајни иновации лежат во рамките на постоечките структури како сонатата за пијано, валцерот, ноктурното, етидата, импромптуто и прелудиумот.
Шопен бил првиот западен композитор кој го има користено словенскиот фолклор во своите композиции. Така и до денес неговите мазурки и полонези се камен темелник на полската национална класична музика.
Шопен во Париз
Во Париз, Шопен бил топло пречекан од истакнатите полски азиланти како и од водечките уметници како Хајнрих Хајне, Алфред де Вињи и Ежен Делакроа. Бил запознаен со некои од најважните пијанисти во тоа време како Фридрих Калкбренер, Фердинанд Хилер и Франц Лист. Станал близок пријател со композиторите Хектор Берлиоз, Феликс Менделсон, Шарл-Валантен Алкан и Винченцо Белини (крај кого е погребан на гробиштата Пер Лашез). Многу од Шопеновите современици веќе со восхит гледале на неговата музика. Меѓу овие бил и Роберт Шуман кој, во неговата критика на Варијации на „Ла чи дарем ла мано“ (од Моцартовата опера Сон Џовани), Оп. 2, се изјаснил: „Капи долу господа! Генијалец.“
За време на неговите години во Париз, Шопен учествувал во многу концерти. Програмите ни даваат извесна слика за богатството на парискиот уметнички живот во ова време. Ваков пример е концертот одржан на 23 март 1833 г., во кој Шопен, Лист и Хилер свиреле соло изведби на Баховиот концерт за три чембала. Како и концертот на 3 март 1838 г., каде Шопен, Алкан, Алкановиот учител Пјер Жозеф Цимерман и Шопеновиот ученик Адолф Гутман го свиреле Алкановиот аранжман за осум раце на Бетовеновата 7ма симфонија. Зел учество и во компонирањето на Хексамерон (1837), бидејќи шестата (и последна) варијација на Белиниева тема е негова.
Аферата со француската писателка Жорж Санд
Во 1836 година, на забавата кај грофицата Марија д’Аго, љубовницата на Франц Лист, Шопен се запознал со Амандина-Аурора-Лусил Дипен, баронесата Дидеван, попозната под нејзиниот псевдоним, Жорж Санд. Таа била француска писателка романтичарка позната по своите бројни љубовни врски со Проспер Мериме, Алфред де Мисе (1833–34), нејзиниот секретар Александар Мансо (1849–65) и други, меѓу нив можеби и глумицата Марија Дорвал.
Отпрвин Шопен ја сметал за неатрактивна, па напишал во писмо до семејството: „Нешто кај неа ми е одвратно“. Меѓутоа Санд, во 1837 година, во извонредно писмо до нејзиниот пријател грофот Војќех Грзимала, расправала дали да му дозволи на Шопен да си продолжи со свршеницата или самата да ја напушти моменталната љубовна врска и да продолжи со него. Санд имала силни чувства за Шопен и била упорна сѐ додека врската не успеала.
Забележителен дел од нивното заедничко време била мизерната зима во Мајорка (1838–1839), каде имале проблеми со наоѓање на пристојно сместување и завршиле во живописниот, но студен манастир Валдемоса. Шопен имал проблеми и со донесување на неговото пијано „Плејел“.
Здравјето на Шопен почнало да се нарушува, но продолжил да компонира
Пристигнало од Париз по долго чекање, па заглавило на шпанската граница каде барале да се плати голема царина. Шопен го користел малку повеќе од три недели. Остатокот од времето морал да компонира на расклатено најмено пијано за да ги заврши неговите Прелудиуми (Оп. 28). Таа зима лошото време имала така катастрофални последици по Шопеновото здравје и неговата хронична дробна состојба, па морал да пребега прво во Барселона, па во Марсеј.
Иако здравјето му се подобрило, тој никогаш сосема не оздравел од ова. Тој се жалел од докторите во Мајорка со неговата постојана луцидност: „Првиот ми рече дека ќе умрам; вториот рече дека веќе сум ги издишал последните здивови, а пак третиот ми рече дека веќе сум мртов“. Ги провел летата од 1839 до 1843 година на Сандовиот имот во Ноан. Во овие мирни, но продуктивни денови Шопен искомпонирал многу дела.
Во овој период спаѓа и неговата величествена Полонеза во ес-дур, Оп.53, поднасловена како „Херојска“, која сè уште е едно од најславните негови дела. Кога се вратил во Париз во 1839 се запознал со пијанистот и композитор Игнац Мошелес. Во 1845 година, здравјето уште повеќе му се нарушило и со тоа настанал и сериозен проблем во односот со Жорж Санд.
Неговата смрт
Во 1848 година Шопен го одржал својот последен концерт во Париз, и ги посетил Англија и Шкотска со неговата ученичка и обожавателка Џејн Стирлинг. Дошле до Лондон во ноември, и иако успеал да приреди концерти и салонски изведби, Шопен бил многу болен. Се вратил во Париз, каде во 1849 година бил оневозможен да предава и изведува.
Сестра му, која го подучувала на пијано, го негувала во станот на Плас Вандом 12. Во ситните часови на 17 октомври Шопен починал.
Слушнете ја Оп. 53 – „Херојска“ во изведба на Валентина Лисица (украинска пијанистка) на следново видео.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.