Skip to content

Тие

Тие двајца, некогаш беа среќни, а некогаш несреќни. Но почесто беа ова второво. Затвораа очи, а по образите солзи не им се тркалаа. Оти беа исцедени. Истрошени. Празни. Заедно беа, а беа одвоени. И колку и да не се гледаа, колку и да беа бесни еден на друг, тој единствено од нејзините усни се опиваше. А таа најмногу од сè сакаше кога на крајот на денот завршуваше во неговите прегратки. Ситна. Стуткана. Поспана. Боса. Оти ниту сонцето не беше топло колку неговите прегратки.

Таа не беше само убава. Имаше многу поубави жени од неа. Таа не беше само паметна. Имаше многу попаметни од неа. Таа беше некако различна од сите. Посебна. Повредна. Различна. Не знаеше како, ама нејзе најдобро ја познаваше. Ја чувствуваше. Ја предчувствуваше. Му требаше една таква. На сите им треба една таква. Во неа имаше нешто посебно. Магично. Занесно. Нешто со години чекано, мечтаено, замислувано. Преку неа навистина сакаше и живееше. Со неа можеше да освои цели градови, цели светови. Па и целиот универзум. Токму таа нему му требаше. Реална. Различна. Сето она што таа беше. Најдобра. Најубава. Најдостојна за него.

Кога неа ќе ја прашаа што е за неа чудо, таа раскажуваше за неговата црна коса. За очите негови темни. За неговите долги прсти, кои се плеткаа низ кадриците од нејзината костенлива коса. Со него молчењето ѝ беше најубаво. Тајно. Скриено. За никој да не дознае. Таа растеше крај него. Нејзината ситна фигура стануваше силна како карпа кога тој ѝ ја стегаше ракате. Кога беше со него, имаше чувство дека таа е единствената жена на светот. Светот беше нејзин. Таа се претвораше во насмеана поетеса, а тој се опиваше од нејзините стихови.

Ама тие двајца, не знаеја заедно. Не умееја заедно. Некогаш се судираа. Некогаш се разделуваа. Потоа пак се враќаа еден крај друг. И така со денови. Со месеци. Со години. И колку повеќе се трудеа, толку помалку им одеше…

Лина Димоска

Напишете коментар