Мистерија на животот – А. Лефкоска

Деца родени под сончева светлина ,
пораснати на крстосница,
низ историјата неразбрани,
па од неа избришани.

‘Штом ќе умрам измешајте ми ја пепелта со неговата,
прекинете ја песната!
Урнете ја империјата!
Дајте ми ножици да си ја скратам косата.’

Мистерија на животот,
на деца родени со златна лажица,
на почетокот игра – на мајка итрица по гласини вештица,
на крајот, тажна, сокриена љубовна приказна.

Што е тоа што го уби кралот и го натера за последен пат да издише?
Отров?
Маларија?
Рана смртоносна?
Или па скршено срце?

Скршено срце од душа близнак изгубена,
коса црвенокоса, скоро руса, исечена,
очи, едно кафено едно сино расплакани,
врати на одаи засекогаш запечатени.

Прстенот на усни допрен,
најголемиот човек некогаш роден,
ко Ахил паднат на колена пред љубовта,
а и Ахил умре од истото,
само напишаа дека е од тетивата.

‘Направете го Бог за да го сретнам пак, направете го еднаков на големиот Александар,
култови и храмови изградете,
никогаш, никогаш не заборавајте.’

Илјадници години подоцна,
се градат споменици,
се бара гроб,
сите сакаат парче од оној што се извишил меѓу смртниците,
ама не му ги признаваат приказните.
Барате гроб на човек роден со молња?
Барате дел од таа историја?
Можеби ќе најдете еден ден саркофаг позлатен, за крал направен, со слика над него исцртана,
ама пепелта внатре ќе биде од двајца – измешана.

‘Штом ќе умрам измешајте ми ја пепелта со неговата,
Прекинете ја песната!
Урнете ја империјата!
Дајте ми ножици да си ја скратам косата…

Од “Дневникот на една будала”

 

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?