Да простиш. Викаат таков е денот денеска. Да простиш и да ти простат, ама некако кнедла в грло ми има застанато. Не можам. Мислев дека ќе соберам сила годинава, ама не можам. Затоа Господе, прости ми ти, зошто јас не можам да си простам себеси за некои работи.
Премногу ми тежат. Тие глупави моменти во кои се мачев себеси. Одев против себеси. Си ја замолчував душата, а кога таа сакаше од мака да излезе, со голи раце ја вадев и шамарев. Ги имам дваесет, а уште си немам простено за времето кога имав десет, петнаесет, седумнаесет, осумнаесет. За времето кога не можев… не, одбивав да се гледам во огледало.
Уште си немам простено за времето кога си ги барав мааните по слики. Кога запирав видеа за да чујам колку гласно се смеам, кога држев пенкало со прстите побелени, а ништо не пишував од страв дека ете, баш мене од сите на светов по двеилјади години ќе ме распнат. Бев в црква денеска, иако не ми е по мерка како институција, бев како и секогаш, од духовна причина. Попат мислев молитви, ама ниедна не кажав, само ја запалив свеќата и ги свртев в глава моментите на суровост од себе кон себе. На крај, свеќата ја оставив во име на љубовта и здравјето. Ништо друго.
Денеска, таков е денот викаат, ама колку и грдо да испаѓа од моја страна, не сакам никој прошка да ми бара, а и не сакам никој ни прошка да очекува. Зошто ако еднаш се згрешило, верувајте сите од мене имате еден среќен пат. На сите ви е пуштено, на сите освен на себе. Дотолку немам сила. За сѐ што ми се случило сама сум крива и сама одговарам, сама ко орелот на Прометеј, од ден на ден црниот дроб си го јадам и така сѐ додека не ми се згади, сѐ додека не се помирам со некои стари приказни. Со фактот дека на погрешни верував па со тоа дозволив да ми плукнат на најмилото, со фактот дека душата си ја распостилав како црвен тепих на каллив пат, со фактот дека се прилагодував и со тоа сама себеси се натерав долго време да си се избегнувам.
Прости ми Боже што плукав по твојата совршена креација, прости ми што ја газев душата и дозволив да ја користат ко тоалетна хартија. Прости ми ти Боже денеска, зошто јас не можам. Сѐ уште не можам…
Од “Дневникот на една будала”
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.