Простување

Простувањето е една лична одлука која доведува до мир и благосостојба. „Простете ми ако нешто сум ви згрешила, вам нека ви е простено од Бога и од мене“, се вели денеска. Никој не е безгрешник во овој свет, оној што беше безгрешен одамна умре за да се простат човечките гревови.

Себеси не можам да си простам, но прости ми ти поради недостаток на храброста за да ти раскажам. Прости ми што нема да се борам за тебе, како што би требало. Барам прошка ако нешто сум ти згрешила, а ти згрешив кога премолчев многупати кога требаше да зборувам. Кукавичлукот дека ова го пишувам наместо да ти го кажам, ако можеш и тој прости ми го.

Од мене на сите им е простено, без оглед дали побарале прошка или не. Да се згреши е човечки, да се побара прошка е уште почовечки, да се прости е доблесно. Немаме два животи, каде ќе ни е крајот ако гневот го наводнуваме во нас. Ако погледнеме со кротки очи, светот ќе ни изгледа помалку суров. Тој ќе продолжи да биде каков што е, но ние ќе го доживуваме поинаку.

Многу горчливи голтки премолчени во нас, минути потрошени на премислување, потоа на каење. Да си простиш себеси е првиот чекор кон постигнување мир. Еве уште си простувам што немам храброст да ти го признаам сè она што можеби не заслужуваш да го знаеш.

Наталија Наумовска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?