Пред време остаревме – Мариа Бакиевска

Не заради брчките на лицето

И собраната кожа на рацете

Ниту пак заради белите влакна на главата,

ниту од матниот поглед фрлен во близината или далечината!

Ниту пак од начинот на однесување

Или промената на облекување

Ниту пак од пензијата која се чека еднаш месечно,

ниту од ѕидовите кои со години неваросани стојат!

Пред време ОСТАРЕВМЕ

Не од нозете кои повеќе не трчаат

Ниту од ентузијазмот кој назад во минатото останал!

Ниту пак од седењето на клупа и читањето на весник рано наутро!

Или од горкото турско кафе пред зајдисонце,

и часот пред 10 кој доаѓа и го собира телото!

Пред време ОСТАРЕВМЕ

Не заради убавината која само во потсетувањето останала,

ниту од чекањето ред во банката,

не од препишаните рецепти на докторот,

ниту од црната облека на секојдневието!

Пред време ОСТАРЕВМЕ

Од незадоволноста која ја имаме

Годините кои како птици преселници ги броиме!

Од озборувањето кое од човек на човек го собираме,

и од чашата полна со отров на осаменоста која ја пиеме!

Пред време ОСТАРЕВМЕ

Од споредбите со кои се бориме

И од патот за кој нон стоп жалиме

Од одлуките кои ги одложуваме

И од промената од која бегаме

Од страста на која радоста ја темелиме

И од телото кое вредноста за себе ја земаме!

Од минливоста која за вечност ја присвојуваме

и од себичноста во која се облекуваме!

Пред време ОСТАРЕВМЕ

Од очекувањата на другите во кои се предаваме,

и од присуството на сожалувањето во кое пребиваме,

од материјалното за кое животот го трошиме

и за таа бројка во која годините ги губиме!

Пред време ОСТАРЕВМЕ

Заради себе што се погазуваме

Дозволуваме отпадот да го собираме

Не оној во корпите, туку оној од јазикот кој излегува!

Самите со мечот на гордоста се прободивме,

и распадливо во внатрешноста одиме!

Од лекот кој за момент го земаме,

и од ропството кое како животен стил го живееме!

Од понуденото кое светот во рака но го ставил,

и дијамантот на доброто и љубовта од нас го украдил!

Пред време ОСТАРЕВМЕ

Оти не прифаќаме дека изгубени се,

и не сакаме за вечното да се избориме,

туку со трошките на скршеноста се храниме!

Пред време ОСТАРЕВМЕ

И сега се спознавме

И сега нов чекор ќе направиме

Ќе се избориме

И ќе победиме!!

Мариа Бакиевска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?