Историја како предговор за полесно поимање на песната
Светите четириесет маченици во Севастија
Сите овие беа војници во римската војска, но тврдо веруваа во Господ Исус. Кога настана гонење во времето на Ликиниј, ги изведоа на суд пред војводата, а тој им се закани дека ќе им ја одземе војничката чест. На ова еден од нив, Свети Кандид, одговори: „Не само
војничката чест туку и телата земи ни ги; нам не ни е ништо помило и почесно од нашиот Бог Христос“. По ова војводата им нареди на слугите да ги каменуваат овие светии. Но кога слугите фрлаа по нив камења, камењата се враќаа сами и паѓаа врз тие што ги фрлаа, па луто ги изудираа. Еден камен му падна на војводата в лице и му ги скрши забите. Мачителите, лути како ѕверови, ги врзаа светиите и ги фрлија во тамошното езеро и поставија наоколу стражари за ниеден да не излезе од водата.
Имаше силен мраз, езерото мрзнеше околу телата на мачениците. За да бидат маките посилни, мачителите загрејаа и осветлија бања покрај езерото близу до страдалците, за тие гледајќи ја некако да се подлажат и да се одречат од Христа, а да ги признаат римските
идоли. И навистина, еден се опрелести, излезе од водата и влезе во топлата бања. Но, ноќта падна една необична светлина од небото, па ја загреа водата во езерото и телата на мачениците, а со оваа светлина од небото се спуштија триесет и девет венци врз нивните глави. Ова го виде еден од стражарите на брегот, па се соблече, го исповеда името на Господ Исус Христос и влезе во езерото за самиот да се удостои со четириесеттиот венец на предавникот.
Врз него навистина слезе тој последен венец. Утредента сиот град се изненади кога ги виде мачениците живи. Тогаш злобните судии наредија и ги претепаа, а телата им ги фрлија во водата за да не ги земат христијаните. На третиот ден Светите маченици му се јавија на
тамошниот епископ Петар и го повикаа да ги собере од водата и да ги извади нивните мошти. Епископот излезе ноќе по темнина заедно со својот клир и по водата видоа како светат моштите на мачениците. И секоја коска што беше одвоена од нивните тела исплива на површината и светеше како свеќа. Ги погребаа чесно. Нивните души отидоа кај Господ Исус, намачен за сите нас и воскреснат со слава. Чесно пострадаа и стекнаа непропадлива слава во 320 година.
Поетски поздрав на Четириесетмината
Четириесет браќа по Бога и ближни мои
поетски поздрав!
Многу е лесно тоа да го правам од столот во кој сум вгнезден
од кој ниту езеро ледно, ниту камења по глава се искусуваат,
од кој ниту мачители, ниту нивните очи погани се проѕираат,
под столот во кој сум вгнезден до земи ви се поклонувам.
За најсветото Име пострадавте и во ни за миг се покајавте,
сигурни во домот до престолот кој си го обезбедивте,
во лулката во која само бебе може да престојува
најсветото Име четириесет места за вас ги сочува.
Уште на земјата, помеѓу луѓето крвожедни ѕверови,
вие го носевте ореолот на кој не ни погледнаа,
зло не направивте освен што љубов расфрлавте,
за да луѓето ѕверови барем со малку се напојат.
Езерскиот мраз ви гризеше што друго освен телата,
Лукавиот се излага дека тие се завештание кое ви значело,
но, вашите души во небесна топлина распослани
со насмевка го ништеа езерскиот мраз нерастоплив.
До вашата гробница полна со ладовина,
поставија примка од бања со вода што пареи,
како некој би се излажал, како Исус би го прегазил,
за гробница адна дом да му биде довека.
Само еден маченик не издржа и Исуса го предаде,
немоќно пребега во бањата да го сочува телото,
жално, но по патот го загуби венецот,
тој знак од Небесата за секој маченик даруван.
Ако имало некој кој за Исуса не би се жртвувал,
тогаш имало и некој кој од римјанин Христов постанал,
вербата која насекаде таа ноќ се распрснуваше
за венец ја покани новата жртва во езерото.
После она што не можеше безумниот да им направи,
душман разорлавен со ѓаволска бес до смрт ги претепа,
во водата коските нивни со рибите се брануваа
и како свеќи го покажуваа на таа ноќ безумството.
Нивните мошти спомен ни останаа,
за храброста да раскажуваат, за приносот осветен,
никогаш да не ги заборавиме ликовите и делото,
кои да се споменуваат не само на Младенци.
Заради светите искачувам планина по стрмнина,
си собрав и камчиња точно четириесет колку маченици,
сите освен едно ќе наполнат реките,
а последното под перница да ги сонам пресветите.
Поетски поздрав,
Четириесет браќа по Бога и ближни мои!
СП Апостол