Има и ангели меѓу нас – Марија Симоноска

По повот 25-ти Март – Светскиот ден на лицата со церебрална парализа

Ангел значи оној кој ќе ти ги стопли душата и срцето. Онака искрено од душата, бидејќи тие знаат што е добро. Тие умеат да почувствуваат искреност и емпатија. И покрај играта на животот да бидат поразлични, тие се најхрабрите, најборбените. Тие се со најубавата и најтоплата насмевка која за сите останати треба да будат магичен кураж дека секој има свој пат. Таков како што те создала природата, онака каков што треба да го поминеш својот пат, како и сите. Да излезеш од тунелот црн, да излезеш од јамата болна полна со страдања и безнадежност.

Тие се поразлични од она што викаме нормални или комплетни во физички изглед, ама нив природата ги создала поинакви, но знаете ли зошто? Бидејќи, уште пред да дојдат на овој свет се преполни со љубов и топлина, толку многу што сето тоа им се преточило во нивните души и срца. Така што физичкиот развој ни малку не ги прават различни, ами тие се појаки од било кој доволно развиен и ,,нормален”. Да, токму така, не по своја вина имаат церебрална парализа, но верувајте, сите останати сме попарализирани во своите души и срца.

Тие исто толку и повеќе се борат да се во ова општество, да застанат на нозе колку што може поцврсто. Само нивните души знаат низ што поминуваат, пред вратите кога тропаат, колку многу и тие сакаат да бидат дел од многу општествени сфери. Нивните семејства знаат за вистинската љубов, за вистинската грижа на семејството. За тоа и во добро и лошо, да останеш покрај нив, да им дадеш вистинска поддршка. Да ги држиш за рака како што вистински се држи чедото. Тие посебните, навистина се посебни и тие знаат да другаруваат, мислат, да направат прекрасни дела што нема да те остават без очи насолзени.

Очите ќе ти се насолзат од восхитување, од она што ќе ти ги разбудат чувствата за љубовта, надежта, почитта, за вредностите кои цена немаат, а фалат толку многу во овој ,,нормален” свет. А, тие и покрај тешкиот продорен пат, сепак успеале да творат и создадат свој печат. Дури и многу повеќе од нас ,,нормалните“ во нормалниот отворен свет. Да, да нормален, каде нормално многу луѓе функционираат по пари и престиж, ама ја немаат нивната душа и срце. Ја немаат нивната најтопла прегратка што солзи ќе ви пушти таа најискрена прегратка.

Тие, ќе те научат за човечност, срдечност, ќе те насмеат до солзи и покрај бариерите и препреките во ова нехумано општество. Овие лица не случајно се посебни, а сите ние исто така сме посебни. Посебни во нашата себичност, суровост, арогантност, нетолерантност, алчност, посебни во сè она најнеубавото. Ние ,,нормалните“ можеме да научиме од посебните за вистинската вредност на љубовта и семејството, која планини руши и бариери крши. А, нормалното општество да создаде вистински хумани чекори во смислата за градење на посреќна и поубава околина.

Да не заборавиме дека сите имаме единствен пат, кој е многу краток и суров. Сите го трчаме маратонот вака или онака. Исто дури и повеќе овие лица го знаат, го осетиле тој маратон. Има ли разлика помеѓу посебните и „нормалните”? Има секако дека има. Разликата е во чистината, искреноста, љубовта и топлината кое што останува вечно, после нас.

25.03.2021
Марија Симоноска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?