Напомена: Текстот содржи теми како самоубиство и смрт.
„Колку пати луѓето фатиле пенкало или четка за сликање в раце само затоа што не можеле да го повлечат чкрапалото?”
-Вирџинија Вулф, „Сопствена Соба“
Ова се само дел од зборовите со кои генијалната писателка, Вирџинија Вулф низ своето богато творештво се обидува да продре во длабочината на креативниот ум и можеби само можеби, со нив и да се објасни себеси.
Скандалозно нели? Да се обидеш да дисекцираш еден генијален ум, па ни помалку ни повеќе, умот на Вирџинија Вулф. Сепак, ќе си дадам креативна слобода (инаку кој ќе ми ја даде?) и ќе се обидам она што го чувствувам во моментов поврзано со Вирџинија да го преточам во зборови.
Денеска сум посебно стуткана во ќошето на сопствената опсесија. (Сепак, дали навистина нешто вреди ако не сте опседнати со него?) Се прашувате зошто? Денеска се навршуваат цели осумдесет години од смртта на Вирџинија Вулф. Цели осум децении од предавањето на сопственото физичко на реката Узе и стишувањето на гласовите кои се проколнати да демнат еден креативен ум.
– Разговор помеѓу Вирџинија и Леонард Вулф од фиктивниот филм „Часовите”.
Нема да зборувам многу за самоубиството, разбирам дека тоа е деликатна тема и едно „решение” што воопшто не би требало да постои како решение на било кој проблем. Себичниот дел од мене, малку ја презира модерната литература само затоа што постои, затоа што излегува, се печати и препечатува, а делата заробени во умот на Вирџинија стагнираат изгубени во полусветлото на животот и смртта. Останати во закаллените води на реката Узе каде што никој никогаш нема да ги допре и прочита. Можам да ги замислам, штом ги затворам очите, незапишаните ликови што лебдат низ брановите, засекогаш заробени измеѓу своите приказни, кои одново и одново се повторуваат, риби и тревки и песок поминуваат низ нив и самите тие, ко и ние – читателите очајуваат по некој си позаокружен завршеток.
Сепак, оној дел од мене, аналитичкиот, делот кој е желен да продре во умот на една од најгенијалните жени на дваесетиот, па и дваесет и првиот век, (извинете, можеби ја нема, ама делата остануваат, а делата говорат посилно од било кој глас присутен во денешницава) не може, а малку да не ја разбере.
„Гласини за нејзиното лудило се слушаат надалеку.” Не можам да се согласам. Не можам да го поистоветам зборот „лудило” со острината на умот на Вирџинија. Можеби и тоа е проблемот. Претерано остар, див ум на една жена, заробен во канџите на конзервативноста на дваесетиот век. А дали дваесет и првиот век е подобар за една жена која копнее по своја посебна соба? По свој идентитет? По свое сопствено, самостално, слободно, креативно место под небото? Малку е, но во споредба со дивиот дух на денешните креативни жени – не толку колку што треба.
„Зошто некој мора да умре?”
„Некој мора да умре за сите ние останати да го цениме животот повеќе. Контраст.”
„И кој ќе умре? Кажи ми.”
„Поетот ќе умре. Визионерот.”
„Часовите” е една елегантна фанфикција која пробува да навлезе во умот на Вирџинија и иако мислам дека некои делови се неферски изоставени, а некои придодадени од страна на авторот на истоимената книга Мајкл Канингхам, (кој претерано се обидува да му даде нов вкус на совршеното главно јадење што е „Г – ѓа Даловеј”). Сепак, ликот на Вирџинија (оној за кој јавноста претпоставува дека е) е скоро совршено прикажан.
Вирџинија, несреќна поради сопственото несовпаѓање. Поради репресија на дел од себе и неможноста да живее само во еден единствен миг на животот, на крај истиот го предава на студените води на Усе, но пред тоа, ко да сака за последен пат да го покаже својот талент, му остава утешително, проштално писмо на нејзиниот сопруг Леонард. (Кој можеби и е еден од нејзините најдобри пријатели и поддржувачи) Ослободувајќи го од секава вина и грижа на совест.
„Сè е изгубено од мене освен сигурноста за твојата добрина….
…
Мислам дека двајца луѓе не можеа да бидат посреќни одошто бевме ние.
Вирџинија.”
Ептен е морбидно да се каже дека нечиjе проштално писмо остава огромен печат на книжевноста. Но токму тоа го прави писмото на Вирџинија. Останува, наспроти сè, како жив доказ во којшто измеѓу редови е запишана целата приказна за животот, љубовта и делата на една генијална жена.
Подолу е целото писмо, во оригинал прочитано од Никол Кидман која ја глуми Вирџинија Вулф во “Часовите”.
Како и за денот на раѓање, така и за денот на физичко преминување, текстов е посветен од еден почетник автор, на еден преминат ментор. Иако, читајќи ги книгите имам чувство како на триесет и пет различни начини да ме критикува. Сепак, додека сум жива, секогаш ќе бидам расположена да зборувам и пишувам за Вирџинија.
Анастасија Лефкоска
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.