Предлог детска книга – Колибата на чичо Том

„Колибата на чичо Том“ (1852), е роман посветен на животот на Афроамериканците и нивното ропство.

Еден од романите кои ми останале во мое длабоко сеќавање и роман кој се памети цел живот. Посебно, ликот на чичо Том, (главен лик во романот, афроамериканец и роб)  кој плени со својата преданост, сериозност, разборитост и мудрост. Се разбира со неговата љубезност и трпеливост не е тешко да го засакате и да посакате за миг да му помогнете, да го ослободите од рацете на немилосрдниот господар Сајмон Легри.

Чичо Том е олицетворение на ропството

Чичо Том е олицетворение на ропството, олицетворение на еден страшен свет каде црните робови биле препродавани, често мачени, разделени од своите семејства и камшикувани до смрт.

Чичо Том е исто така олицетворение на христијанската вера. Тој паѓа во искушение и не сака да верува во Бог соочен со тешкиот живот на плантажата. Но, секогаш помага и подава рака кога е потребно. Им помага на Каси и Емелина да пребегаат од плантажата каде се користени како сексуални робинки.

Олицетворение на христијанството

Но, визиите на Исус и Ева  кои ги има му помагаат да ја врати вербата. На смртна постела, наоѓа голема сила да им опрости на оние кои го камшикуваа до смрт. Тука исто така се гледа неговата големина. Понижени од неговата големина, неговите измачители ја прифаќаат христијанската вера.

Целиот роман е испреплетен со многу ликови. Голем и силен лик е исто така и Елиза која прави сè за своето дете и успева да им побегне на продавачите на робови. Овој лик како и тој на чичо Том се базирани на вистински личности што ја прави целата приказна уште повеќе трогателна.

Темата на романот

Темата на романот е повеќе од очигледна и толку важна што со овој роман писателката успеала да покрене многу дебати во САД и на тој начин да започне Граѓанската војна со која конечно се укина робовладетелството.

Не е тешко да се заклучи дека луѓето се еднакви и дека бојата и изгледот на кожата не ја одредуваат личноста. Многу поважно е она што се крие во секоја личност, односто душата на човекот. Самиот чичо Том убаво кажува:

Мојата душа не Ви припаѓа Вам. Не сте ја купиле и не можете да ја купите.“

Посебно внимание привлекува пораката на писателката во романот: 

„Оние кои не можат да владеат со себе, не можат да владеат ниту со другите.“

За писателката

Хариет Бичер Стоу (англиски: Harriet Beecher Stowe) (14 јуни 1811 – 1 јули 1896) — американски аболиционист и писателка.

Хариет Бичер Стоу е родена на 14 јуни 1811 година во Личфилд, Конектикат. Нејзиниот татко бил свештеник и приврзаник на движењето за ослободување на Црнците од ропството. Тој во својот дом често криел Црнци кои избегале од своите бели господари и тоа било можност младата Хариета да ја согледа тешката положба на Црнците во САД и да се соживее со нивните проблеми. Како резултат на тоа, подоцна, таа постанала активен поборник за укинување на ропството. Починала на 1 јули 1896, во Хартфорд, Конектикат.

Абрахам Линколн на средбата со неа рекол: „Значи, ова е малата женичка што ја започна оваа нова голема војна!“

Прочитајте го Предлог детска книга – Мартин Идн од Џек Лондон.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?