Skip to content

Предавство со бакнеж – СП Апостол

“А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: кого ќе Го целивам, Он е, фатете Го и водете Го претпазливо! Па, кога дојде, веднаш се приближи до Него и рече: радувај се, Рави! И Го целива.“   (Марко 14, 44-45)

Некој интернетски мудрец вели дека предавството е вина за уништена лојалност или верност, или измама која една личност ја направила кон друга, при што дејствува спротивно од очекуваното, нешто поинаку од претходно меѓусебно договореното. Би се сложил ако не сакав да пишувам за нешто подлабоко од она што би имало граници за да се дефинира, да се смести неговиот облик во рамка на неколку реченици и да биде доволно јасно. Сакав да пишувам за најголемото предавство на сите времиња од почетокот на постоењето на земјата, дури поголемо и од она кое Адам го направил кон Бога. Адам погреши што ѝ поверува на Ева, таа наивно не ја избегна стапицата на змијата која беше Сатаната лично, Бог беше Таткото на непослушни, заведени деца…

Но, Исус, Јуда и бакнежот, тоа сепак е најгрозоморното кое сум го слушнал. А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: кого ќе Го целивам, Он е. Зошто бакнежот претходеше пред предавството, зошто беше неопходен да се круниса или урниса една таква ситуација? Со бакнеж ли ќе заврши ноќта после која неговата девојка ќе се најде во туѓи прегратки? Со бакнеж ли ќе го остави својот стар родител во мизерни услови во мемливиот дом за стари лица? Со бакнеж ќе го отфрли ли своето бебе сè уште неразделено од папочната врвца во најблискиот контејнер за комунален отпад каде и мачките само повремено престојуваат?

Со бакнеж ли ќе го потпише правниот акт кој преполн со законски аномалии ќе овозможи откраднување на туѓото? Многу бакнежи, но не вистински се употребени погоре како претходница на валкана игра. Претпоставувам дека тие се само параван за лошата намера, маска која треба предадената личност да ја изманипулира да поверува во искрените намери на предавникот. Или можеби чин на миење на совеста за злото што треба допрва да се направи, како последен миг на покајување дека предадениот не заслужува да го доживее тоа. Или пак крајно, заблудено уверување на предавникот дека она што следува е најдоброто решение за предадениот и бакнежот само става точка на разделбата со желби само нему познати дека се чесни.

Па, кога дојде, веднаш се приближи до Него и рече: радувај се, Рави! Веројатно Исус требаше да се радува за средбата со својот ученик. Кој е вистинскиот мотив на предавникот кој покрај бремето со црнила како составен дел од неговото срце му објавува радост на предадениот? Дали навистина не е свесен за улогата на сенка на тмурно небо полно со облаци кои го затскриваат сонцето или е безумен па помислува дека неговата појава навистина носи чувство на задоволство? Та нели го знаеше Исуса многу подобро од сите нас. Ги гледаше сите Негови чуда, благодарноста на сите исцелени луѓе и единствената милост која не може да се види кај друга личност освен кај Богот-Човек. Подобро да си обеси воденички камен околу вратот и се фрли во најдлабоката вода доколку не ја сфатил пораката на дејствието кое намерил да го стори.

И Го целива. Се сврши. Нема повеќе место за покајание, повлекување на гревот ако веќе постоеше и најмалечко сомневање дека е тоа е погрешно, враќање на минатото со сите негови параметри на спокој. Бакнежот стави печат на злосторот и ништо повеќе нема да го излекува жигот кој пече како сол на жива рана. Предавникот влезе во листата на патници кон бездната кои го купуваат билетот  за триесетина сребреници, а предадениот во трлото на неми јагниња заклани од своите мачители. Или можеби има можност за поинаков крај на оваа трагедија, нешто што апсурдот ќе го претвори во надеж? За среќа Исус го дозволи бакнежот, замина доброволно на крстот и си го понесе и овој грев со себеси.

СП Апостол

Напишете коментар